Во ноќта меѓу 15 и 16 јануари 1945 година се извршени двете најмасовни и најбрутални стрелања во Титова Македонија.
Без судење и почитување на презумцијата на невиност, во најголема тајност и итност, од истражниот затвор на ОЗН-а во Велес се егзекутираа 53, според најновите истражувања 86 затвореници, а во Куманово 48 затвореници под глобално сомневање дека се „народни непријатели”.
Полувековниот молк го прекина Титовиот биограф, политичарот и академик д-р Владимир Дедиер, кој во април 1990 година, во двонеделникот „21“, орган на ЦК СКМ, отворено го обвини некогашниот шеф на КОС, генералот Јефто Шашиќ, кој во Велес „една ноќ ги зграпчил затворениците за гуша и без сослушување сите ги стрелал“.
Во автобиографските белешки, објавени посмртно во 1999 година, претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелодени дека за стрелањата во Велес и во Куманово дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран. Како иницијатор тој го посочил Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски.
Истиот ден отпатувал за Белград каде објаснување побарал од маршалот Тито кој исто така не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење.
Според д-р Дедиер, во тој период во Југославија без судење биле ликвидирани 140.000 луѓе.
Според сведоштвата и сеќавањата, на 15 јануари 1945 без јавно судење, биле масакрирани 53 затвореници од велешкиот затвор, лица за кои имало сомневање дека биле озлогласени противници на НОБ и соработници со окупаторот. Без заокружена истражна постапка и без јавно судење за докажување на нивната вина, биле групно стрелани и масакрирани, а потоа и закопани во заедничка гробница која била откриена во 1996 година.
Посмртните останки на 15 убиени велешани се пронајдени со наредба за ексхумација од тогашната влада, во 1996 година, во атарот на селото Летевци во месноста Пуста Кула, на границата меѓу Велешко и Скопско. Нивните потомци дошле до документот на судска медицина, кој никогаш не го видел светлото на денот.
Ова е прв и единствен случај на откриена масовна гробница во Македонија, дело на тогашната комунистичка власт.
Блиските фамилии на 53-та велешани барале од Врховниот суд заштита на законитоста, но тој не утврдил дека биле ликвидирани поради нерегуларна судска постапка.
Синот на еден од убиените, новинарот Борис Поп Ѓорчев, во октомври 1997 година побарал од македонските судови да ја поништат пресудата. Тој и другите блиски бараат од Владата по години талкање низ административните лавиринти да го донесат законот со кој се предвидува поништување на сите пресуди донесени од политички и идеолошки мотиви.
Во 2002 година од страна на најблиските е подигнат споменик за 53-та велешани, соработници на бугарскиот окупатор, на гробиштата до црквата „Св. Спас“ во Велес. Во април 2009 година, непознати вандали ја искршиле спомен плочата на гробницата на 53-та велешани стрелани во 1945-та кај месноста Пуста Кула. Сторителите со токмак ја урнале и искршиле надгробната плоча. Споменикот и ден денес е искршен.