ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Од наведените археолошки откритија дека Орестида била добро населена уште во неолитскиот период. Тоа биле првите Македонци на овие простори, така што Орестида претставува лулка на сите Македонци.
Вториот Темен бил потомок на Херакло, значи со дорско потекло, Хераклид, а не Пелопид каде бил Орест, кој со помош на Македонците го освоил Пелопонез, во 1.104 година. Тој имал три сина и ќерка, а бил крал на Арг. Него го убиле постарите синови Керин и Фалк при капење. Тоа се случило зашто Темен сакал престолот на Арг да им го остави на ќерката Хирнета и на зетот Дејфонт, кој бил кралски советник и војсководец. Меѓутоа, граѓаните на Арг ги прогониле убијците, но подоцна тие завладеале со Арг и ги протерале сестрата, зетот и помалиот брат, кои побегнале во Епидаур.
Кога браќата ја киднапирале сестрата од Епидаур за да му се осветат на Дејфонт, тој веднаш тргнал по грабнувачите и прво го убил Керин, а бидејќи во меѓувреме Фалк ја задушил сестра му, го убил Фалк, но настрадал и помалиот брат (Паусанија, II, 28, 3). Од овој мит произлегува дека потомството на Темен од Арг, во борбите околу престолот, се угаснало уште во првата генерација. Плутарх (III, 2), опишувајќи го живописот на Александар Македонски, изнесува дека „Александар по татко бил потомок на Херакло преку Каран, а по мајка на Еак, преку Неоптолем”.
Името Каран (глава, поглавица, војвода) во македонската митологија е непознато. Меѓутоа, под ова име, како Каран, се јавува во македонската историја хипарх во војската на Александар Македонски. Кај Херодот (VIII, 137) Карен бил непознат, а македонската династија ја почнува со Пердика.
Првиот пат Каран се појавува кај Теопомп, митограф од Книд, пријател на Цезар, каде Каран бил измислена личност за да ги поврзе македонската и аргивската (од Пелопонез) династија. Според Теопомп, Каран во осмото колено бил потомок на Херакловиот правнук Темен, кој се преселил од Арг во Едеса, па со тоа тој е „предок” на таткото на Александар, Филип II (382-336), што би одговарало на околу 622 година п.н.е. додека Пердика е постар од Каран.
Значи следи дека основачи на македонската кралска династија Аргеади, по машка линија, не биле странци од Пелопонез, туку домородци, автохтони Македонци, потомци на кралот Темен од Арг во Орестида односно, прапра внук на епонимниот херој Орест, основач на Арг и на македонската кралска династија Аргеада. Името Τемен (на божеството посветен, или меѓа) припаѓа на палеобалканската-македонска глосологија.
Основањето на македонското кралство течело на тој начин што „тројца потомци на Темен … бегаат од Арг во Илирија, а од Илирија преминуваат во Горна Македонија…” (Херодот, VIII, 137). Понатака Херодот нагласува дека „… браќата преминуваат во Горна Македонија и доаѓаат во градот Лебеја”. Тешко е да се идентификува градот Лебеја во Горна Македонија. Една населба под денешно име Ливера (Либера) се наоѓа во Елимеја, на источните падини на планината Аскио (2.111м). Таа е одалечена од Арг на Орестида околу 30 км воздушна линија, колку и од поисточната планина Бермион (2.052м).
Оваа хипотетична локација на градот Лебеј (Либера) е на средина на плодната рамница на патот кон денешните градови Кожани-Каљари (Птолемаида). На околу 20км северно од Либера денес постои големо село Пердикас. Ако би ја поврзале оваа локација со митологијата, тогаш Либера би била староиталска божица на женската плодност, култно поврзана со Либера, чиј симбол е фалус, бог на плодноста на земјата, полињата, виновата лоза, стоката и луѓето. Инаку, старите Римјани, култот на издигнатиот Фалус, т.е. Хермес, го зеле од староседелците на Балканот, Пелазгите (Томсон, 1954, 116).
Кога „браќата” го напуштиле кралот на Лебеја, биле прогонувани од потери на кралските коњаници, но се спасиле бидејќи ја преминале реката Халиакмон (Бистрица), која била силно надојдена, така што коњаниците не можеле да преминат. Теменидите дошле во другиот крај на Македонија и се населиле во близина на градините на Мид. Единствена голема река во тој предел е Халиакмон (Бистрица) која минува меѓу планините Бермион и Пиерија и прави голема клисура. Единствен природен премин на реката во овој дел постои на околу 60 км низводно од Лебеја (Либера), на источните падини на Бермион (Карзузмен) на 6 км јужно од старомакедонскиот град Бер, каде завршува источниот дел на клисурата Халиакмон.
„Другиот крај на Македонија” е Долна Македонија или праисториска Ематијa, која е широка рамница меѓу долните теченија на реките Халиакмон и Аксиј, а областа е Ботиаја, односно Централна Македонија. Во неа се наоѓаат стари и големи градови на Македонија под Бермион (Каракамен), како што се Едеса, Науса, Миеза, Мариниа и споменатиот Бероја„Кога ја зграпчиле таа земја”, го изградиле градот Еге, на околу 20 км југоисточно од Бероја на десниот брег на Халиакмон и „браќата оттаму тргнаа и ја покорија цела земја” (Херодот, VIII, 138).
Овие кажувања на Херодот потполно се потврдени и од современите елински истражувачи (Даскалаки, 1982 и Костопулос, 1992 и други), кои истакнуваат дека центар на македонската историја во VIII век п.н.е. била Орестида и во неа Аргос Орестикон (Рупиште), од каде потекнуваат кралевите на македонската династија Аргеада, предци на Филип II и Александар Македонски, а не Аргос на Пелопонез.
Пердика I (од: многу и дикас: судија, праведен, т.е. најправеден) е родоначалник на македонската кралска династија од Арг во Орестида (Рупиште-Костурско) во Горна Македонија, кој е и основач на Аргеадската лоза. Неговото кралство била Ботиаја, област која го опфаќала средишниот дел на Долна Македонија, потоа во Ематија, Пиерија, Елимеја, Тимфаја, Орестида, Еордаја, Линкестија и Амопија.
Пердика I својата престолнина ја основал во подножјето на планината Пиерија и и дал име Еге или Ајгај (основа, коза, место за кози, како и светло или бело). Инаку, козата била симбол, односно маскота на македонските кралеви во тоа време, посебно при дворските свечености (Тупурковски, 1993, 34). Според Диодор (VIII, 16), Делфиското пророштво го советувало кралот да отиде од Горна Македонија во Ботиаја и таму каде што ќе види снежно-бела коза со сребрени рогови, да принесе голема жртва и да изгради град.
По традиција, во овој град се одржувале свеченостите на македонскиот двор. Покрај тоа се приредувале и општомакедонски игри и се погребувани македонските владетели. Тоа го потврдуваат и објавените трудови за археолошките наоди на овие простори. Се работи за археолошкиот локалитет Вергина (Аигаи), каде се пронајдени човечки живеалишта и некропола од праисторискиот период, пред VI век п.н.е.
По владеењето на кралот Пердика I, неговите наследници биле кралевите Аргеј I (од Арг), Филип I и Аероп I. Во време на владеењето на кралот Алкета I околу 550 години п.н.е. кралството се проширило на север, а нешто подоцна биле приклучени и некои источни провинции околу Термајскиот Залив и Мигдонија.
Кралот Алкета I го заменил Аминта II кој владеел меѓу 540-495 година п.н.е. Тој станал вазал на Персија, а Македонија персиско протекторат, за цело време на персиско-елинските војни, 490-479 година п.н.е. Имено, уште во 512 година п.н.е. персиската војна го форсирала Боспор, ја зазела Тракија, го преминала Дунав и им објавила војна на Скитите. По неуспешната кампања против Скитите, Персијците се свртеле на запад и југ на Балканскиот Полуостров.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН