Бездомните кучиња се горлив проблем за Гостивар. Граѓаните реагираат дека низ улици, паркови, паркинзи наидуваат на глутници кучиња од кои стравуваат за својата безбедност. Се случува кучињата да бидат агресивни, да се затрчуваат по луѓето и да се обидат да ги нападнат, особено во вечерните часови или во раните утрински, кога низ градот нема многу движење од минувачи и возила.
Податоците од полицијата покажуваат дека годинава има тренд на зголемување на бројот на напади од кучиња скитници.
Според информациите кои ги добивме од портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, во текот на целата 2022 година во Одделението за внатрешни работи Гостивар биле пријавени 36 каснувања од кучиња скитници. Од нив, 26 се случиле во градот, а останатите во селата од поширокиот регион кој го покрива ОВР. Од почетокот пак на оваа година досега, пријавени се вкупно 29 каснувања, од кои 19 во Гостивар, а останатите во селата.

Според проценките на подрачје на Општина Гостивар има околу 1.000 кучиња,скитници од кои 650 во градот и останатите 350 по селата. Според Програмата за решавање на проблемот со бездомните животни за 2023 година, Гостивар има потреба за изградба на нов и поголем центар со резерват за грижа на бездомните и опасни животни, за што е потребна проектна документација, а финансиските средства се вкупно 2 милиони денари.