ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
По победата на Македонија над силите на Атинскиот сојуз кај Хajронеја (338 п.н.е.), воспоставена е македонска политичка и воена хегемонија над цела Елада. Иако македонскиот крал бил странец (варвар), овој настан придонел во обединувањето на грчките полиси, но и губење на нивната автономија.
По прераната смрт на кралот Филип II Македонски, на престолот застанал неговиот дваесетгодишен син, законски наследник на македонскиот престол, Александар III Велики Македонски. Александар е роден во Пела, македонска престолнина, во 356 година п.н.е., во месец мај или јули, по македонскиот календар. Имал само 20 години кога стапил на престолот, а веќе располагал со воено и политичко искуство.
Учителот кој му дал образование на кралот над кралевите, Великиот Александар, и ги удрил темелите на современата филозофија и науката за светот, бил филозофот Аристотел, исто така Македонец од Халкидика. Таткото на Аристотел, Никомах бил личен лекар и пријател на македонските кралеви Аминта и Филип II. Аристотеловата Кралска школа во Македонија, е формирана во Миеза, во близина на Пела, меѓу Бероа и Едеса. Тука постојат пештери со убави сталактити и сталагмити, густи шуми и богати извори на кристална вода, под свежите падини на Вермион-Каракамен Планина, (Папазоглу, 1957, стр.21) т.е. во древната Аига.
Меѓу учениците на таа школа, покрај Александар, биле и неговите врсници: Птоломеј од Еордеја, Кратер и Пердика од Орестида, Хефестион, Харпат, синовите на регентот Антипатро Парсиа, Атал и Андроменеј од Стимфаја, Пантал и Милеј од Бероја, Неарх, Еригеј, потоа синот на Перминион Филот, Леорат и други синови на македонската аристократија, кои како млади команданти ќе одиграат улога во организацијата на царството на Александар.
Во текот на краткото, но многу успешно двегодишно образование и воспитна работа, Аристотел ги подготвил своите ученици за големи и одговорни задачи, за дела кои ќе го променат класичниот свет. Према Дурант (1.990), Александар за еден дел од својата сила и величина, треба да му заблагодари на својот учител, „најсилниот синтетички мислител што го познава историјата на духот; понатаму, дека двете победи на поредокот и тоа, победата на Александар во воено-политичката област и учителовата во филозофската, се само две различни страни на еден ист благороден и драмски план, двајца извонредни Македонци да извршат обединување на хаотичниот свет на антиката”.
Нередите кои настанале непосредно по инаогурацијата на младиот крал, заради ослободување од македонскиот јарем, во Грција биле задушени со молскавична интервенција на младиот крал. Со ова е воспоставен ред во земјата, а на Коринтскиот собор, во есента 336 година п.н.е., Александар бил, како претходно неговиот татко Филип, избран за главен командант-император во походот против Персија. Негова главна и непосредна преокупација била да ја обезбеди својата позадина, т.е. северната и западната страна на државата. Заради тоа, во пролетта 335 година п.н.е., почнал со војни против Трибал и Гето на север и Илирите на запад, со што го зазел целиот Балкан и ги проширил границите на својата држава од Дунав до Дрина, и од Јадран до Црното Море.
Неговото отсуство го искористила окупираната Елада. Со богата парична и материјална помош на Персија, преку Демостен и Атина и лажната пропаганда дека македонскиот крал загинал, во Теба и околината е дигнато востание. Меѓутоа, во есента истата година, со молскавичен напад на Македонците, востанието е задушено. За да се обезбеди од понатамошни нереди во Елада и да ја зацврсти својата држава уште повеќе, Александар поставил силни стражи на клучни места во воените гарни-зони во Теба, Коринт и Еубеја. Управата над Македонија и Елада му ја поверил на својот пријател и познат војсководец Антипатро, кому на располагање му оставил војска од 12.000 пешадијци и 1.500 коњаници.
Со битката кај Хајронеја и задушувањето на двете последователни востанија, 336 и 335 п.н.е., во Елада, нејзината самостојност била запечатена. Коринтскиот сојуз и „Општиот земен мир” станале политички инструменти во интерес на Македонија. Добро организираната, високо дисциплинирана, обучена и одлично опремена модерна армија, станала гарант за соборување на Персиската империја. Во тоа придонеле уште: новата воена доктрина, прекалените и искусни млади официри и големите извори за снабдување.
Во тоа време моќното Персиско царство се простирало од реката Инд до Егејското Море, од Каспиското и Црното Море до Египет. Тоа била најголема и најмоќна империја во тогашниот свет, чии воени сили изнесувале околу милион војници. По неуспешната експанзија на Персија на европскиот континент, во борбите против Скитите и Елините и поразите кај Маратон (490), Саламина (480) и Платеја (479), по еден и пол век се јавуваат Македонците како големи противници, кои ќе ја уништат Ахеменидската држава на Персијците. Тие засекогаш ќе ја отстранат големата опасност која постојано ѝ се заканувала на Европа.
Постои огромна литература на историчари, воени теоретичари, филозофи, филолози, од Калистен до денес, за ликот и делото на Александар Македонски, како освојувач, војсководец организатор, политичар, дипломат итн. Затоа оваа анализа не ги опфаќа овие сегменти. Се разгледуваат единствено некои поважни односи на Александар кон Елините и учеството на Елините во овие настани.
Пред походот, во подготвителниот период, Александар ги извршил религиските обреди и Олимписките игри, кои траеле девет дена, не во елинските институции во Делфи и Олимпија, туку во македонските светилишта Дион и Пела. Како стар свет град на Македонците во Пиерија, земја на музите, во подножјето на Олимп, Дион бил центар на верскиот и културниот живот на Македонија, откако кралот Архелај (413-399) во него ги востановил Олимписките игри.
Почетната задача на воените планови на Александар била да се освои Мала Азија, да се прошири на исток и да се создаде големо Македонско царство, со што би се обезбедиле морски патишта во Егеј, Мраморното и Цр-ното Море. Оваа цел подоцна е изменета и дополнета со идејата за создавање светска држава, додека судбината на Македонија останала во втор план.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН