Во полициските билтени речиси секојдневно се евидентираат случаи за откриено оружје и муниција. Пред неколку денови припадниците на МВР во канта за отпад во дворно место во Скопје открија две автоматски пушки и муниција од различен калибар. Два дена претходно, триесет и деветгодишен битолчанец беше приведен и во неговиот дом беше пронајдено оружје и муниција. Чести се и заканите со оружје, како на пример, случајот од Гостивар кога беше приведен 69-годишен маж кој физички го нападнал својот сосед и му се заканувал со пиштол, кој подоцна бил одземен од полицијата.

Сериозна опасност претставува и пукањето по свадби, кое освен што ги вознемирува граѓаните претставува сериозна опасност бидејќи неретко се случува куршумите да заталкаат во куќи, автомобили, а често и во луѓе. Само во Охрид, на почетокот на месецов беа повредени две лица, еден возрасен маж и неговиот малолетен син.

Поради ваквите инциденти сè позачестени се кампањите каде што се апелира оружјето да не биде дел од славењето. Министерството за внатрешни работи соопшти дека борбата против недозволената трговија со оружје бележи пораст на заплените со оружје и муниција за 20% во првите шест месеци во 2023 година.

-Oткриени се 76 кривични дела, сузбиена е 10-члена поликриминална организирана криминална група, при што кривично пријавени се 90 сторители. Во овој период запленети се 72 парчиња оружје и 39.345 парчиња муниција, соопштуваат за весникот ВЕЧЕР од МВР.

Од таму посочуваат дека легално оружје можат да употребуваат граѓаните кои имаат важечка дозвола за оружје, а начинот на употреба е утврден со законот за оружје.

– Согласно Законот за оружјето забрането е ловечкото оружје да се носи и употребува надвор од ловиште или стрелиште. Забрането е спортското оружје да се носи и употребува надвор од стрелиште или друг терен определен за натпревар во спортско стрелаштво. Забрането е колекционерското оружје да се носи и употребува надвор од местото на живеалиште или престојувалиште, односно надвор од местото на одобрен постојан престој на физичкото лице (колекционерот). Забрането е пневматско оружје и оружје со тетива да се носи и употребува надвор од стрелиште или друг обезбеден простор. Оружјето сопственикот треба  да го пренесува во соодветна футрола, а муницијата мора да биде одвоена од оружјето. соопштуваат од МВР и додаваат дека сопственикот на оружјето, физичкото лице  е должно оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица.

Оружјето и муницијата може да се набавуваат само врз основа на одобрение издадено од МВР, кое може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот, за лов и спортско стрелаштво. Одобрението за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје

За едно физичко лице добие одобрение за набавување на оружје, мора да има наполнето 18 години, да не му е одземена или ограничена деловната способност, здравствено да е способно да поседува и носи оружје, да не претставува опасност за јавниот ред, да има оправдана причина за набавување на оружје, да располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и да има живеалиште на територијата на Македонија со важечка лична карта.

На лицата кои сакаат да добијат одобрение за набавување на оружје им се врши лекарски преглед за утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје, листата на болести и здравствени состојби што го прават лицето неспособно за поседување и носење на оружје, како и начинот и постапката на издавање на лекарското уверение.

Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење до пет години.

Според последните проценки во анализата „Истражување на мало оружје“ во земјава има над 620 илјади парчиња огнено оружје од кои 450 илјади е нелегално. Според тоа, на сто луѓе, 30 имаат оружје, од кои осуммина имаат дозвола за поседување оружје, а 22 се без дозвола.