„Мечка на кокаин“ (Cocaine Bear) неодамна се појави во киносалите и се чини дека овој необичен филм им се допадна на гледачите имајќи предвид дека заработи 23 милиони долари во првиот викенд во САД.

Но, она што е уште понеобично од самиот филм е неверојатната вистинска приказна на која се базира – полицаец за наркотици, кој станал шверцер на кокаин, и огромна црна мечка, која тргнува во убиствен поход откога ненамерно проголтала големо количество кокаин.

Настанот, кој делумно послужи како инспирација за почетокот на снимањето на Cocaine Bear, се случил во 1985 година. Поранешниот полицаец Ендрју Торнтон и неговиот партнер превезувале големи количества кокаин со приватен авион од Колумбија во Америка.

Меѓутоа, сфаќајќи дека ги следи гранична патрола, Торнтон го ставил авионот на автопилот и почнал да фрла кеси полни со кокаин во близина на Националниот парк Ноксвил. При обидот да излезе од авионот, Торнтон се заплеткал во сопствениот падобран и починал на самото место кога паднал во дворот на Фред Мајерс, жител на Ноксвил.

Бизарниот сплет на околности не завршил тука, туку се претпоставува дека една голема црна мечка прва го пронашла кокаинот во шумата. Три месеци подоцна, пронајден бил нејзиниот труп, а според медицинскиот извештај, по обдукцијата се претпоставува дека животното пцовисало поради големо количество кокаин во телото.

Филмот, всушност, е преработка на гореспоменатиот вистински настан, во кој по ненамерното проголтување големо количество кокаин, мечката почнува да ги прогонува локалните жители.

Режисерката Елизабет Бенкс имала визија преку филмот Cocaine Bear да им оддаде еден вид почит на хорор-филмовите, како Jaws и The Evil Dead и воопшто на филмскиот жанр, кој е на граница помеѓу хорор и црна комедија.

„Кога ја дознав вистинската приказна и го прочитав сценариото на Џими Ворден, почувствував дека треба да снимиме филм кој ќе биде приказна за одмазда на мечка“, рече Бенкс во една пригода.