Пожар избувнал во една од ќелиите во затворот во Битола. Чадот стигнал до сите ќелии каде што се наоѓале затворениците.
Според првичните и неофицијални информации, пожарот најверојатно бил подметнат од страна на некој од затворениците.
За гасење на пожарот интервенирале прво чуварите, а потоа пристигнале и битолските пожарникари.
Нема повредени затвореници и чувари во битолскиот затвор во кој синоќа имаше пожар.
Единствено лекарска помош им била укажана на неколку чувари во затворот кои вдишале чад.
И од Министерството за внатрешни работи велат дека нема повредени лица, а увид извршила екипа на СВР Битола. Оттаму велат дека е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во битолскиот затвор, лоциран во месноста Црн Мост, во текот на денот ќе се истражуваат причините за предизвиканиот пожар во притворското одделение, а просториите ќе бидат санирани.
Притворените лица ќе бидат преместени во друга просторија се додека исчаденото притворско одделение и оштетената инсталација се санираат.
Се очекува во текот на денот да бидат соопштени информации за причините за пожарот во битолскиот затвор кој веднаш бил изгаснат.
Во битолскиот затвор во делот каде што избувнал пожарот се сместени притвореници, а во моментов мерка притвор таму издржуваат вкупно 18 лица.
Пожар во затворот во Битола, најверојатно намерно запалена ќелија
