Јавно ќе бидат достапни имињата на сите Македонци кои изминативе две децении добиле бугарски пасош. Меѓу нив, како што тврди бугарскиот европратеник Андреј Ковачев има и политичари, и министри, и лидери на партии и новинари.



Објавувањето на регистарот ќе биде можно со измените на Законот за државјанство кои веќе поминаа во прво читање во бугарското собрание. Се предвидува јавна да биде и церемонијата за доделување државјанство.

Ковачев, кој е познат по анти-македонските ставови, на Фејсбук им честиташе на 180-те пратеници кои гласаа за законските измени, наведувајќи дека очекува измените брзо да бидат усвоени и во второ читање.

Инаку, издавањето бугарски државјанства е нерасчистена тема. Во 2018-та година, 22-ца државни службеници беа приведени под сомневање дека издавале фалсификувани уверенија за бугарско потекло, што е еден од условите за добивање бугарско државјанство.

Беше покренато обвинение против тогашниот претседател на државната Агенција за Бугарите во странство и други службеници, дека земале мито за издавање бугарски пасоши на луѓе кои не исполнувале услови за тоа.

Две години подоцна, во 2020-та година, тогашната министерка за правда Десислава Ахладова, објави дека за десет години, од 2010-та до 2020-та речиси 80 илјади македонски граѓани поднеле барање за државјанство врз основа на бугарско потекло.

Со измените кои сега се предлагаат, при поднесување барање за државјанство врз основа на бугарско потекло, ќе се укине условот предок на барателот да починал како бугарски државјанин.

На последниот попис во Македонија, како Бугари се изјаснија 3 504 луѓе, но само 762-ца од резидентното население рекле дека дома зборуваат бугарски јазик.