ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Истовремено, Македонците целата планинска област меѓу реката Халиакмон (Бистрица) и Термајскиот Залив ја нарекле Пиерија што на нивниот јазик значи Света Гора. Тие тука, им посветиле многу градови. Така на пример, на Диас му го посветиле градот Дион, на Посејдон градот Петра, на божицата Хера градот Хераклеион, додека на Аполоновата свештеничка од Делфе, градот Питхион. Во Пиерија Македонците ги погребувале и своите митолошки кралеви како што се Македон, Пиер, Пиерида, Еагар и Орфеј.

Еден од знаменитите антички истражувачи на Пиерија, патеписецот Паусанија (IX, 30, 6) за гробот на македонскиот крал Орфеј изнесува: „Македонците кои живеат под гората Пиерија и во градот Дија зборуваат дека овде Орфеј го затекнала смртта и славеите кои се гнездат на гробот на Орфеј послатко и погласно пеат”. Во понатамошниот текст, опишувајќи го Орфеј како поет, Паусанија истакнува дека тој „ги надвишил своите претходници со убавината на своите стихови и достигнал голема моќ, зашто се верувало дека пронашол тајни обреди за боговите, исчистување од гревовите, лечење на болестите и начин како да се отстрани гревот на боговите”. Понатаму „кој внимателно ја прочитал поезијата, знае дека Орфеовите химни, по убавината можат да се стават веднаш зад Хомеровите химни, но боговите повеќе ги ценат”.
И во многу други области низ Македонија, градовите биле посветени на боговите. Во Пелагонија и во Синтика, во чест на божицата Хера се изградени градовите Хераклеа (Херинина слава), во Едонија и на Халкидики градови Аполонија итн.

Религијата во Македонија, во компарација со други религии во светот, од усното предание до Хомеровите и Хесиодовите записи, како културно-филозофско-историска манифестација на човечкиот дух, со материјална база на исконската култура на Лепенскиот Вир и митолошката содржина на ономастиката на хидролошкиот систем на Панонија, несомнено е од сакрална природа и без ривал во светските религии, што претставува уште еден голем придонес на Македонија кон светската цивилизација.


Меѓутоа, во поглед на религијата во Македонија Папаставроу (1972, 496) истакнува дека „религиските елементи на олимписките богови, во Македонија се внесени од Елада, за време на династијата на Антигонидите, која почнала со кралот Антигон Гонат, 277/6 година п.н.е.”. Понатаму тој навестува дека Македонците имале полилатрија од следните богови: „Бог на војната бил Фавло божица заштитница на дорот е Гига Божица на ловот Газорија, на убавината Зеирена бог на светлото е Ксант, а бог на сонот Татое бог на здравјето е Дарон, бог на моќта и силата е Арето додека божица на ветрот, водата и заштитничка на градот Едеса е Веди. Спротивно на овие тврдења стојат историските и археолошките наоди.
Тоа го потврдуваат следниве факти и тоа: градот Дион во Пиерија е изграден во славата на богот Диас од страна на македонскиот крал Архелај I (413-399) уште од V век п.н.е.; градот Петра, исто така во Пиерија, се споменува во врска со богот Посејдон, како „Посејдон од Петра”, а тоа е во врска со димини културата од 5.630-4.450година п.н.е.,која припаѓа на културата на халколитскиот период, а носителите биле Македонците и Еолците од Панонија, а не Елините кои како Ахејци стасале во Фтиотида, околу 1.400 година п.н.е. или Дорци, 1.124 година п.н.е.
Потоа, во Македонија постоеле споменици на Пиерида, кипови на Муза и Орфеј, значително претходно отколку во Елада, за што пишува Паусанија (IX,30.6). Од ова следи дека, ако Орфеј бил ученик на Аргонаутите, а нивната експедиција, според Ератостен била во 1.225 година п.н.е. , тогаш е сосема јасно дека Македонците не примиле некоја елинска религија на Олимпиците во III век п.н.е., туку биле создавачи на таа религија.

Према Томпсон (1954, 179) и божицата Атена не била со елинско потекло. За нејзината неелинска ономастика тврди и лингвистот Мпампиниоти (1996, 62), што во превод значи Бесмртна (и – танатос е смрт). Оваа божица кај староседелците на градот Атина, Пелазгите, стасале од Беотија, а во Беотија од север од Тесалија, каде била почитувана како „Атена од Итонија”. Тука живееле Еолците, потомци на минијската култура од Подунавје.


Во Македонија, во градот Кисос, во подножјето на истоимената планина, највиските планини на Халкидика, кој подоцна влегол во составот на градот Солун, месните жители го славеле богот Дионис, далеку пред Елините, пред втората половина на вториот милениум п.н.е. Кога Дионис „бог од Ниса-Ниш”, трганал во светот закитен со венци од винова лоза и ловор, во придружба на воспитувачот Силен, менадите и бахаткините, после Тракија и неговите перипетии со тракискиот крал Ликург, свратил во градот Кисос. Оттогаш жителите на тој град му посветиле на богот празнувања под името „Дионисиј од Кисос”. Богослужбата ја извршувала свештеничката Теана, ќерка на кралот Кисос.

Помпезностите на Дионис биле прочуени во цела Македонија и биле карактеристични по употребата на посебни шупелки и по импозантните хорови за време на славењето на Баховите прослави, каде имало гозби, се играло и се тргнувало во битки. Растението кисос (бршлен) му било посветено на богот Дионис, а бршленот во Кисос бујно растел. Така во прославата на Баховите мистерии и веселите гозби, учесниците биле закитени со венци од бршлен околу главите, под името „кисофори”.


Кога митолошкиот македонски крал Мид од Каракамен (Бермион) Планина, кој покрај градините со најубави рози имал и големи лозја со одлично вино, дознал дека со Дионис е и неговиот учител Силен, посакал Силен да го подучи на мудрост, Мид веќе бил упатен од Македонецот Орфеј во боженствените тајни. Бидејќи Силен и Дионис го упатиле Мид во Дионисовите мистерии, тој ги прифатил неговите божествени прослави. Према тоа, „дионисиите” се воведени прво во Македонија во митолошкиот период, а не во антиката.

И на крај, од гениологијата на македонските династии видовме дека Македон бил син на Зевс, а за тоа време првиот крал на Атена, Ерихтоние (од -ерион: волна и -хтон: земја) никнал од земја т.е. тој е домородец Пелазг (Томсон, 1954, 181).


Од наведените компарации јасно се гледа дека религиските и митолошките сфаќања за светот, на Македонците како варвари, не им биле пренесени од југ од Елините, или „краснореката муза” во текот на династијата на Антигонидите, во III век п.н.е., туку оваа висока култура имала обратен тек, и тоа од Македонија на Елините и од север и од југ. Понатаму, божјиот Пантеон не е ставен на Парнас, Хеликон или Тајгет, туку на најголемата и најубава планина во Македонија, во нејзината Пиерија, „Света Гора”, каде се и ризниците и гробовите на нејзините кралеви.


На основа на овие и други историски, географски и други параметри, може да се претпостави дека митолошкиот Македон, син на Озарис, може да се лоцира во околу 2.300 година п.н.е. Од друга страна, ако се земе верзијата на Хесиод за Македон и Магнет, кои биле родоначалници на Македонија, односно Магнезија, и дека Магнет со останатите Еолци бил творец на димини културата, која Блеган ја лоцира во 3.200-2.600 година п.н.е., додека Гимбутас (1.982 година) во околу 5.630-4.450 година п.н.е., тогаш произлегува дека и Македон треба да се стави во оваа хронологија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН