Нашата инвестиција во напредокот на судството не ги даде очекуваните резултати – ова го изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, упатувајќи на тој начин уште еднаш критики до правосудниот систем во земјава.
Агелер во интервју за весникот Капитал изјави дека Македонија заслужува општество, влада и судство кои ќе им служат на граѓаните.
– Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. – изјави Агелер.
Токму како резултат пак на овие критики кои доаѓаат од надвор, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во своето гостување во емисијата Трилинг на ТВ24 рече дека борбата за интегритетот на судството во земјава мора да ја водат самите судии.
Според Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење за целокупно подобрување на состојбите во судството, потребно е секој судија или обвинител најпрво да започне од себеси, а не да се бара колективно системско решение за проблемите.
Дебатата за довербата и независноста на судството во земјава е во посебен подем, не само поради разочарувачките анкети кои покажуваат дека граѓаните имаат само четири отсто доверба во судството, туку и поради неодамнешните случувања и скандали во судскиот совет кои покрај критиките од Агелер, доведоа и до тоа холандската амбасада да стави во мирување голем проект со судскиот совет, а холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп го нарече советот нелигитмно тело.