Во македонските села има многу куќи кои се во лоша состојба и во фаза на пропаѓање. Испукани ѕидови, уништени скали, пропаднати покриви е глетка која често ја среќаваме.

Архитектот Христијан Марковски вели дека се работи за традиционална градба од стари мајстори, куќите се правени од камен, слама и кал и како такви по одреден временски период ако не се реновираат и променат некои структурални елементи доаѓа до пропаѓање. Oбјаснува дека прв попушта покривот поради тоа што е изработен со тежок традиционален материјал како покривач – керпич и ако не се замени, самата конструкција не го издржува товарот од времето и живеалиштата се уништуваат. Додава дека во земјава има куќи кои се стари по 150 или 200 години и во кои живееле повеќе генерации и ако не се реновираат и соодветно одржуваат, ќе пропаднат.

„Кај нас се работи претежно бетонска конструкција, затоа што за дрвената конструкција ние немаме кадар и дополнително народот не ја прифаќа дрвената конструкција како материјал за живеење. Дрвената конструкција е подобра во однос на статика, изолација, инсталација, реновирање како и квалитет на материјал. Да отидете во Шведска, која е европска земја ќе видите дека таму куќите се од дрвена конструкција со дрвена фасада и голема енергетска ефикасност, но, ретко ќе видите бетонска конструкција. Погледнете ги куќите во Западна Македонија, во Гари и Галичник, Лазарополе од каде потекнуваат најдобрите мајстори од кои и прото-мајсторот Андреја Дамјанов, таму куќите се сочувани, ретко пропаѓаат , но истите се одржуваат“, вели Марковски.

Тој додава дека една куќа може да опстане подолг временски период, односно со векови, но факторот време не треба да се занемарува во однос на состојбата во која ќе биде одреден објект. За квалитетни градби потребни се и квалитетни мајстори кои темелно ја познаваат својата работа. Mногу стари куќи ширум Македонија се продаваат.

„Во селото имаме стари и пропаднати куќи, некои се дадени на продажба. Точна бројка не би можела да кажам, можеби се над 10.  Дел од нив треба да се реновираат, а дел целосно да се урнат“, вели жителка селото Тркање, кочанско.

Таа додава дека куќата за да биде во добра состојба, треба во неа да се инвестира и да се реновира. Но, со оглед на економската ситуација во државата, луѓето често не се во можност да реновираат.

Во останатите држави од светот традиционалните градби од камен, малтер и слама се едни од најинтересните за реновирање каде што на стариот дух на објектот му се додаваат нови современи елементи и додатоци на ентериерното, но и на конструктивното значение и се добива традиционална-современа градба. 

„Концептот е прекрасен како дел на заживување на една традиционална и уникатна средина полна со човечко значение и полна со дух и љубов од локацијата. Не треба да се задржуваме до тоа дека треба старата градба да се сруши и да се изгради нова, секогаш треба да се провери дали има некое современо решение да се совлада целиот концепт за да се задржи веќе изграденото кое е приказна, која треба да остане. Можеме да погледнеме различни градби на интернет мрежите и да забележиме какви дела прават колегите архитекти. Да, не е проект кој се совладува во еден ден, па ниту дека ќе се изработи за еден ден, но со малку труд се изведува нешто што не можеме ни да го замислиме, а не пак да го доживееме”, вели Марковски.

Во огласниците се понудени на продажба стари куќи лоцирани во тетовско, охридско, кочанско и други делови на државата. Газдите сакаат да се „ослободат“ од нив.