„Ворнер брос дискавери“ објави дека ќе се снима првата телевизиска серија за Хари Потер, каде извршен продуцент ќе биде авторката Џ.К.Роулинг. Серијата ќе биде „верна адаптација“ на книгите за детето магионичар, а ќе се емитува на „Макс“, ребрендиран стриминг сервис на „Ејч-би-о“ и „Дискавери плус“.
Серијата ќе има нова актерска поставка, а секоја сезона ќе биде посветена на една од седумте книги на Џ.К. Роулинг, со што серијата би се снимала повеќе години.
Во текот на конференцијата за новинари, водителот Кејси Блојс одби да одговори на прашањето дали коментарите на Роулинг за транс личностите ќе ја отежнат потрагата по глумци за серијата.
„Пoветеноста на ‘Макс’ за зачувување на интегритетот на моите книги е важна и се радувам што ќе бидам дел од оваа адаптација која ќе дозволи поголемо вдлабочување и прикажување на детали кои ги овозможуваат долгите телевизиски серии“, кажа Роулинг во својата изјава.