И оваа година, од 14-ти до 16-ти јули,Галичник,лоциран на живописните предели на планината Бистра, ќе биде домаќин на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.
Илјадниците посетители од земјава и странство кои годинава се очекува да присуствуваат на Галичка свадба, одново ќе имаат можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи и ритуали, збогатени со уникатниотколорит на народните носии и изворните песни и ора, карактеристични за овие предели од нашата земја. Во центарот на вниманието на најпознатата македонска свадба годинава ќе бидат невестата Елисавета Булоскаи младоженецот Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник.
„Во Галичник почна нашата љубов со Оливер и драго ми е што ќе ја овековечиме таму. И многу сме среќни и тука сме еден за друг да се поддржиме“, рече Елисавета.
Потекло од Галичник има Оливер, од каде што потекнуваат и неговите предци.
„Јас имам потекло од Галичник, невестата има потекло од Охрид. Веќе пет години се знаеме и цело време ѝ зборувам за Галичник. И така се одлучивме да се пријавиме да учествуваме и со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства и да се венчаме токму во Галичник со сите обичаи“, рече Оливер.
Ана Сариевска неколкугодишен режисер на Галичката свадба, која се грижи за координација и за реализација за свадбениот обред, рече дека повеќе од 20 години е учесник на Галичката свадба. Десет години во нејзина организација, а круна на нејзиното учество во оваа претстава под отворено небо било кога во 2014 година била невеста на Галичката свадба.
„Потекнувам од семејство кое било основоположник на Галичката свадба, учев од нив. Тоа беше една генерација луѓе што беа родени, живееја таму. Плашејќи се да не згасне традицијата, тие ни ја оставија во аманет Галичката свадба. Мојата задача е да координирам околу 250 луѓе, кои се техничка поддршка, плус гостите на свадбата“, раскажа Ана Сариевска.
60 години Галичка свадба – македонска традиција преку која се слават љубовта и семејството
Date: