Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска во Охрид ја прими Големата повелба на хуманизмот, признание што му беше врачено по повод 40 години од неговото замонашување.
Во обраќањето по повод признанието, г.г. Стефан порача дека вистинскиот хуманизам значи помагање на другиот, но и придонес за народите, посочувајќи го како пример делото на Светите браќа Кирил и Методиј и Светите Климент и Наум.
„Нивното дело, нивната активност е всушност хуманизмот, помагање на другиот, помагање на народите“, порача архиепископот.
Говорејќи за симболиката на признанието, г.г. Стефан потсети дека се замонашил во 1986 година, на празникот на Свети Наум, а 40 години подоцна признанието му е врачено на празник посветен на Свети Климент и Светите Седмочисленици.
Тој нагласи дека Светите Климент и Наум, иако дејствувале од двете страни на Охридското Езеро, биле неразделно поврзани преку својата мисија и делата.
„Секогаш заедно и во мислата, и во делата… продолжиле да бидат хумани, да бидат хуманисти, човеколубиви, а пред сè боголубиви“, рече г.г. Стефан.
Осврнувајќи се на своите четири децении во монашкиот и архиерејскиот живот, архиепископот изрази благодарност до верниот народ и членовите на Светиот архиерејски синод за постигнатото во изминатите години.
Посебно го истакна обновувањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и воспоставувањето односи со голем број православни цркви.
„Слава на Господа, и ги дочекавме, и ги доживеавме“, порача тој.
Г.Г. Стефан изрази надеж дека ќе продолжи процесот на воспоставување односи и со православните цркви со кои сè уште постојат отворени прашања поврзани со името и историјата на Македонската православна црква.
„Да се надеваме дека ќе го разбереме и нашето човеколубие, и нашиот хуманизам, дека ништо против другите не правиме правејќи за себе“, порача архиепископот.
На крајот, тој се заблагодари за признанието и упати порака дека хуманизмот треба да продолжи да живее преку заеднички придонес.
„Да продолжи хуманизмот да живее со наша помош, со помош на сите нас“, порача Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.





