Иан Клифорд, 50-годишен вработен во технолошкиот гигант „Ај-би-ем“, ја тужел компанијата затоа што не му ја зголемила годишната плата во периодот од 15 години колку што бил на боледување.

Клифорд тврдел дека бил жртва на дискриминација поради инвалидитет во „Ај-би-ем“ бидејќи неговата плата не била покачена во периодот кога не бил на работа. Тој изјави дека не е алчно да се сака зголемување на платата.

ИТ-специјалистот добива повеќе од 62.000 евра годишно според здравствениот план на „Ај-би-ем“, плата загарантирана до неговата 65. година. Но, Клифорд тврди дека оваа сума не е доволна бидејќи неговата плата „овенала“ со текот на времето поради инфлацијата.

Во 2008 година Клифорд отишол на боледување поради проблеми со менталното здравје, додека во 2012 година му била дијагностицирана леукемија во четврта фаза. Минатата година тој ја тужел компанијата за дискриминација врз основа на инвалидитет бидејќи „Ај-би-ем“ не му ја зголемила платата од 2013 година.

Но, судот за вработување во Ридинг, Беркшир, го отфрлил неговото барање, при што судијката му рекла дека му е дадена многу значајна бенефиција и поволен третман.

По пресудата, Клифорд изјави дека сакал да се погрижи неговиот син да биде згрижен и дека шансата да доживее 65 години не е многу веројатна.

– На хемотерапија сум многу години и здравјето ми е исклучително лошо. Вашата плата влијае врз отплатата на долгот, пензијата, и тоа повеќе беше за моето семејство. Луѓето можеби мислат дека ова што го добивам е доволно дарежливо, но тие износи се бруто и не се оданочуваат. Јас плаќам национално осигурување на тие износи – изјави тој.

Во 2013 година тој се пожалил дека во периодот додека бил на боледување не добил покачување ниту регрес и тогаш се договорил со компанијата да биде на платен список без работни обврски поради неговата здравствена состојба.