Џејда Пинкет Смит откри дека таа и сопругот Вил Смит биле разделени во последните седум години, но во тајност, истакнувајќи дека се уште се обидуваат да откријат како треба да изгледа иднината на нивниот брак. И покрај бројните несогласувања и гласини за прељуба, јавноста беше убедена дека славните сопружници се уште се заљубени, па оваа вест го шокираше Холивуд. Џејда во интервју за „Пипл“ ја откри вистината, а потоа за „Ен-би-си њуз“ детално проговори за се.

„До 2016 година бевме исцрпени од обидите. Мислам дека и двајцата бевме заглавени во нашата фантазија за тоа каков треба да биде другиот“, објасни Џејда Пинкет Смит во емисијата „Тудеј“ за тоа зошто нивниот брак се распаднал.

Актерката и водителка, која во 2020 година призна дека имала афера со 22 години помладиот пејач Аугуст Алсин, изјави дека размислувала за законски развод, но дека не можела да го помине тоа, додавајќи дека му ветила на сопругот дека никогаш не би дала причина за развод.

„Ветив дека никогаш нема да има причина да се разведеме. Дека ќе поминеме низ што било заедно. А едноставно не успеав да го прекршам тоа ветување”, рекла таа и признала дека тие се уште живеат одвоено.

Џејда исто така истакна дека парот живеел одвоено кога Вил Смит му удрил шлаканица на комичарот Крис Рок на Оскарите во 2022 година. Таа нагласи дека не донеле трајна одлука за иднината на нивниот брак и дека се уште размислуваат што ќе прават:

„Направивме навистина напорна работа заедно. Имаме длабока љубов еден кон друг и ќе сфатиме што ќе ни донесе тоа на крајот“.

За време на интервјуто таа ги пофали и нивните деца – Џејден (25), Вилоу (22) и Треј (30).

„Моите деца, тие се мали гуруа. Ме научија на длабоко чувство за прифаќање на себеси. Го сакаат секој дел од мене. Таа љубов што ја имаат кон мене и нивниот татко, тоа е ниво на безусловна љубов. Тоа е една работа да сакаш да бидеш личност која ја дава таа безусловна љубов, а втората е да ја примиш“, рече таа.

Веста за нивниот одвоен живот е прилично изненадувачка, бидејќи со години се претставуваа како посветен, приврзан пар кој успева да ги надмине сите проблеми. Сопружниците признале дека и двајцата имале други партнери, но тврделе и дека се среќни заедно и дека имале неконвенционален брак.

„Џејда никогаш не веруваше во конвенционален брак. Некои членови од нејзиното семејство имаа неконвенционален однос. Поради тоа, таа порасна на поинаков начин од мене. Имавме неколку долги дискусии за тоа што е совршена врска. Што е тоа идеално однесување за паровите. Најдолгиот период од нашата врска беше моногамен, но не го сметавме за единствена совршена врска“, изјави актерот за американскиот „GQ“ минатата година.