Најавата за можно затворање на Центарот за македонски јазик во Лерин остана без соодветна реакција од македонските власти. Премиерот Димитар Ковачевски се огради од случајот, порачувајќи дека не може да коментира судски процеси во друга држава. Тој тврдеше дека Преспанскиот договор се почитува од двете страни, а отворањето на центарот во Лерин, токму од власта, беше промовирано како „плод“ на договорот потпишан во Нивици (Преспа). Но, сега кога од Грција доаѓаат сосема различни толкувања во однос на македонскиот јазик, власта молчи и се надева дека на центарот сепак ќе му биде дозволено да продолжи со работа, пренесува Вечер.
Опстојувањето на Центарот за македонски јазик во Лерин, најавуван како „плод“ на Преспанскиот договорот, е во рацете на Окружниот суд во Грција, а македонските власти останаа без коментар или осуда за ваквиот чин. Премиерот Димитар Ковачевски се огради од случајот, порачувајќи дека не може да коментира судски процеси во друга држава.
-Во Грција се отвори Центар за македонски јазик, но има одредена судска постапка. Ние не можеме да коментираме судски постапки во друга држава, исто како што други држави не може да коментираат судски постапки кај нас, посочи деновиве Ковачевски.
Ниту министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која пред неколку дена се сретна со министерката за култура на Грција, Елени Доундолуаки, не кажа дали била отворена оваа тема, изразувајќи надеж дека сепак нема да се затвори центарот.
„При неодамнешната средба во рамки на форумот во Давос разговаравме за многу работи, начелно за културната соработка. Во однос на вашето прашање, не би сакала да зборувам предвреме, но се надевам дека нема да се случи она што се бара“, рече министерката Бисера Костадиноска-Стојческа.
И заменик-претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, неодамна во Атина оствари средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, но немаше информација дали воопшто станало збор за судбината на Центарот за македонски јазик во Лерин.
Ова е во спротивност со тврдењето на премиерот Ковачевски дека имаме договор кој се почитува од двете страни, мислејќи на Преспанскиот. Отворањето на центарот во Лерин, токму од власта, беше промовирано како „плод“ на договорот потпишан во Нивици (Преспа). Но, сега кога од Грција доаѓаат сосема различни толкувања во однос на македонскиот јазик, власта молчи. За разлика од власта, која смета дека Преспанскиот договор ги нормализирал односите помеѓу Скопје и Атина, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека последиците од ваквите штетни договори допрва ќе се чувствуваат.
Грчката окружна обвинителка Анастасија Калаици, како аргумент пред судот, се повикува токму на одредбата од договорот дека македонскиот јазик постои само во рамките на Македонија. Таа смета дека со регистрацијата на едно вакво здружение, чија цел е „зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција“ и „воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта и универзитети во Грција“, се прекршува Договорот од Преспа и е обид за создавање малцинство, како што објавија грчките весници.
Окружниот суд во Грција, на 2 февруари закажа рочиште за преиспитување на регистрацијата на здружението, што според Стилијан Самарџиев, од Центар на Македонскиот јазик во Грција, ќе биде уште едно судско шоу на грчките националисти. Наспроти сите очекувања, јасно е дека договорот потпишан во Нивици не ги реши сите спорни прашања меѓу Скопје и Атина. Оптимистичките најави по регистрацијата на здружението Центар за македонски јазик во Грција од Основниот суд во Лерин, на 27 јули 2022, за „плодовите од Преспа“ и „вредноста на вистинските компромиси“ имаа краток век на траење. Во Лерин пред Нова година се одржаа демонстрации на неофашистичката грчка партија Златна зора, кои побараа укинување на Центарот и ја гледаме реакцијата веднаш на почетокот на годинава.