Ќерката на Бен Афлек и Џенифер Гарнер го смени името. Оваа 15-годишна девојка се викаше Серафина Роуз, а сега се претставува како Фин. Тинејџерката за првпат ѝ се претстави на јавноста со своето ново име минатиот викенд во текот на комеморацијата на нејзиниот дедо Вилијам, односно таткото на Џенифер Гарнер, пишува „Дејли мејл“.
„Здраво, јас се викам Фин Афлек“, рекла 15-годишната ќерка на Бен и Џенифер кога се качила на говорницата во една методистичка црква во Чарлстон, по што прочитала неколку стихови од Библијата.

Серафина или Фин, како што гласи нејзиното ново, машко име, носела црн костум, бела кошула и црна вратоврска, а косата ѝ била истрижена сосема кратко.
Инаку, таа е средно дете на Бен Афлек и Џенифер Гарнер, а парот во бракот ги добија и ќерката Вајолет Ен (18) и синот Семјуел (12).
Да потсетиме, Серафина, сега Фин, во февруари годинава ја изненади јавноста, појавувајќи се со сосема кратка и розова коса. Притоа, таа го промени и имиџот, почна да се облекува сосема поинаку.

Инаку, помладата ќерка на Афлек се декларирала како небинарна личност во 2023 година, кога почнала да го нагласува момчешкиот стил на облекување и да ја скратува косата. Сега на ред дојде и промената на нејзиното име во Фин.
Американските медиуми пишуваат дека Ема Мунез Лопез, ќерката на Џенифер Лопез, имала најголемо влијание врз родовиот идентитет на Серафина, која ѝ помогнала да го прифати фактот дека е „поинаква“. Да потсетиме дека во јуни 2022 година, Џеј Ло се појави на сцената на настанот Блу дајмонд гала заедно со ќерка си Ема и ја претстави, користејќи родово неутрални заменки.
Ема и Фин се врснички и блиски пријателки, а биле одушевени од бракот на нивните родители, пред сè, затоа што совршено се совпаѓале и наводно „си ги смениле животите една на друга“. Извори блиски до семејството Лопез-Афлек истакнаа дека тинејџерките „се пронашле“ бидејќи и двете се декларираат на ист начин, односно како небинарни личности, што значи дека не се идентификуваат со ниту еден од конвенционалните полови. Девојчињата поминуваат многу време заедно, а во неколку наврати биле видени и како се држат за раце.




