Собранието на Република Македонија, на дневен ред за 22 декември годинава, го ставило предлогот на Љупчо Палевски – Палчо, осомничен за двократно убиство и грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Палевски барал да се одржи референдум.
Според објавеното на сајтот на Собранието, Палевски предложил граѓанска иницијатива за задолжителен дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на државно ниво за територијата на Република Македонија по предлог на најмалку 150 илјади граѓани. На референдумот, според предлагачот Палевски, граѓаните би можеле да се изјаснат со „за“ или „против“ на прашањето кое го напишал а гласи:
Дали сте за договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија склучен на 1 август 2017 година?
Палевски пред да биде обвинет за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, беше исклучително активен во политиката, односно преку својата политичка партија „Десна“, како и на своите нови медиуми односно во опремено студио изразуваше анти-ЕУ, анти-НАТО ставови, се закануваше дека „кога најдоцна до 2027 година ќе дојде на власт, ќе оди со Армијата пред секоја државна институција и 150 илјади луѓе од јавната администрација нема повеќе да имаат работа зашто се неспособни“, се жалеше дека власта монтира случаи и со неистомислениците се пресметува во судница преку судски процеси. Ваквиот став за наводните монтирани судски процеси, го изрази во емисијата каде гостин му беше Марјан Стаменковски, поранешен сопственик на порталот „Доказ“ инаку осуден за ширење ксенофобија, за уцена и пиратерија.
Палевски е првоосомничен за убиство и грабнување на Вања Ѓорчевска, 14 годишна ученичка во деветто одделение, која според Обвинителството, заедно со негови сопартијци ја грабнале од зградата во која живеела, ја врзале за рацете и нозете, ја ставиле во вреќа за спиење, ја однеле во село на излезот од Скопје од чија околина Палевски потекнувал и според наводите на сведоците – Палевски пукал во неа и ја убил. Тој е првоосомничен дека го убил и својот сопартиец Панче Жежовски со кого заедно копале злато во минатото, а мотивите за овие настани се во фаза на истрага.