Американскиот актер Дени Мастерсон е осуден на затворска казна од 30 години до доживотно за силување на две жени. Мастерсон кој глумеше во популарната телевизиска серија „Луди 70-ти“ се обидел да ја избегне казната потпирајќи се на статусот како член на Скиентолошката црква, рекоа обвинителите.

Судијата Шарлејн Олмедо им дозволи на жртвите да ги прочитаат изјавите пред судот пред изрекувањето на пресудата. Поранешната истакната членка на Скиентолошката црква, актерката Леа Ремини, беше на сослушувањето и ги тешеше жените пред и откако ги прочитаа изјавите.

„Посакувам порано да го пријавив во полиција“, рече една од девојките, а другара рече дека му простува и дека нема повеќе да ја поднесе неговата болест. Мастерсон молчеше пред судот, додека судијата ја читаше пресудата и му изрече максимална казна. Во истиот момен неговата сопруга Бижу Филипс заплакала.

Мастерсон беше прогласен за виновен во мај на повторното судење, откако првата порота не можеше да донесе пресуда во 2022 година. Откако беше осуден, актерот беше приведен поради ризик од бегство.

Беше осуден откако три жени сведочеа дека сексуално ги нападнал во неговиот дом во Холивуд помеѓу 2001 и 2003 година, кога бил на врвот на славата. На судот му било кажано дека им давал дрога пред да ги злоупотреби. Судот го прогласи за виновен за силување на две од трите жени кои го обвинија.