Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на турнирот во Дубаи, откако во мечот од третото коло го совлада Хуберт Хуркач од Полска со 6:3, 7:5.

Во нивниот петти меѓусебен дуел, првиот светски рекет го постигна петтиот триумф над 11 играч на АТП листата по уште една одлична партија, во која покажа дека неговата форма значително се подобрува како што напредува турнирот.

Во вториот сет, со одлични сервиси, двајцата играчи не дозволуваа брејк, но Ѓоковиќ на крајот успеа да го одземе сервисот на противникот во 11 гем и веднаш потоа да стигне до триумфот.

Србинот во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот во кој играат Русинот Данил Медведев и Борна Чориќ од Хрватска.

Во второто полуфинале ќе играат Германецот Александар Зверев и Андреј Рубљов од Русија кој лани го освои трофејот во Дубаи. Зверев со 7:5 и 6:4 го совлада Италијанецот Лоренцо Сонего, додека Рубљов со 6:3 и 7:6 (3) беше подобар од Холанѓанецот Ботик Ван Де Зандшулп.

Ѓоковиќ минатата година беше елиминиран во четвртфиналето во Дубаи, па со денешниот пласман во полуфиналето дојде до бодови кои ќе го зацврстат на првото место на АТП листата.