Во шумски пожари во ЕУ во текот на минатата година изгореа 504.002 хектари површина, се наведува во Извештајот за шумските пожари во Европа, на Блискиот Исток и во Северна Африка во 2023 година на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

Во Извештајот се нагласува дека пожарите биле најинтензивни во текот на летото и претежно го зафатиле медитеранскиот регион, при што е регистриран и најголемиот поединечен пожар во Европа од 80-те години на минатиот век и тоа во реонот на грчкиот град Александрополи.

Во документот се посочува дека климатските промени придонесуваат за зачестени шумски пожари, кои се повеќе зафаќаат и области кои во минатото не се сметаа за региони подложни на огнени стихии.

Дополнително, прелиминарните податоци за првите три месеци од 2024 година покажуваат дека број на пожари е речиси двојно поголем од лани, но тие не зафатија големи површини.

Анализата за 2023 година според типот на уништена вегетација покажува дека 37 отсто од вкупната опожарена површина била со грмушки и нискостеблеста шума, а 26 проценти или околу 120.000 хектари биле под шуми.

Според извештајот, шумските пожари предизвикале сериозна штета на животната средина, создавајќи околу 20 мегатони емисии на јаглерод диоксид, што е еквивалентно на речиси една третина од сите штетни емисии на меѓународниот авиотранспорт во ЕУ за една година.

Во документот се посочува дека според Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС), најкатастрофална според големината на опожарена површна била 2017 година, кога биле уништени 988.

427 хектари земјиште, пред 2022-та со 837. 212 хектари и 2007 година со изгорени 588. 388 хектари површина.

Европската комисијата минатиот месец објави препораки за градење отпорност и ефикасно управување со климатските ризици, кои меѓу останатото предвидуваат мерки за засилена превенција, подобра подготвеност на системите за рано предупредување и користење на ефикасни средства за гасење пожари преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.