Актерката Шенон Доерти тврди дека открила дека нејзиниот сопруг има афера непосредно пред да ѝ биде закажана операција за тумор на мозокот.
Во премиерната епизода на нејзиниот подкаст „Да бидеме на чисто“ („Let‘s Be Clear“), таа се потсети како се справила со нејзиниот развод од Курт Исвариенко, додека истовремено се борела со ракот во четвртата фаза на почетокот на оваа година.
„„Заминав рано наутро на операција и тоа се случи откако дознав дека мојот брак е готов, дека мојот сопруг имал афера две години“, рече Доерти.
Иако актерката признава дека Исвариенко „сакал“ да биде покрај неа, на крајот решила дека „не може таму да оди на таа операција со него“.
„Се чувствував толку изневерено. На крајот од денот, чувствував дека личноста со која бев 14 години, којашто ја сакав со сето срце, воопшто не ме сака“, рече ѕвездата од серијата „Беверли Хилс, 90210“ („Beverly Hills, 90210“).
Со себе во тој момент ги имала мајка си, брат ѝ и најдобриот пријател Крис. Иако операцијата била успешна, таа исто така морала да се подложи на зрачење и продолжила да се бори со оваа тешка болест.
„Замислете како е да се помине низ сето тоа, додека се обидувате да дознаете дали ќе добиете развод и да ја дознаете вистината“, вели таа.
Доерти и Исвариенко се разделија во јануари, истиот месец кога таа беше оперирана, а поднесе барање за развод од фотографот дури во април. И покрај неверството, актерката вели дека ѝ било тешко да го напушти нивниот брак.
„Искрено, сè уште е навистина тешко. Да, ја донесов одлуката да се разведам, но имам многу спомени со таа личност“, изјави таа.
Исто така, таа откри дека, по првичните сомнежи, станала опседната со тоа да дознае дали навистина сопругот ја изневерува.
„Ако сте поминале 14 заеднички години и сте го изневериле партнерот, зарем таа личност не ја заслужува апсолутната вистина, колку и да боли?“, праша таа.
Како потсетување, Доерти и Исвариенко се венчаа во октомври 2011 година. Двојката нема деца.
Актерката претходно беше во брак со Ешли Хамилтон од 1993 до 1994 година и со Рик Саломон од 2002 до 2003 година.
Моментално, Доерти води битка со рак на дојката во четврти стадиум. Првпат ѝ беше дијагностициран рак на дојка во 2015 година. Таа влезе во ремисија две години подоцна, но во 2020 година откри дека нејзиниот рак повторно ѝ се вратил.