Една година откако Шакира и Жерар Пике објавија дека се разделуваат, колумбиската пејачка проговори за уште една животна тешкотија која ѝ се случила паралелно со тоа.
Во новиот број на шпанското издание на „Пипл“, Шакира се присети на моментите кога дознала дека нејзиниот долгогодишен партнер Жерар Пике ја изневерил, кратко откако татко ѝ Вилијам Мебарак Чадид бил хоспитализиран по тежок пад.
При разговорот, пејачката потенцираше дека нејзината мајка Нидија Рипол Торадо ѝ е најголема поддршка, а татко ѝ е нејзиниот најдобар пријател во животот.
„Сè се случи наеднаш. Мојот дом се распаѓаше. Јас дознав дека сум изневерена преку медиумите, додека мојот татко беше на интензивна нега“, се присети пејачката.
Во тие моменти, таа мислела дека нема да ги преживее тешкотиите.
„Човекот којшто го сакам најмногу во животот, мојот татко, ме напушташе во моментите кога ми беше најпотребен. Не можев да зборувам со него, ниту да побарам совет од мојот најдобар пријател“, вели Шакира.
Зборувајќи за опоравувањето на татко ѝ, Шакира сподели дека тоа било „многу тешко и споро“, но дека татко ѝ е „прекрасен човек кој ги изненадил сите со неговата сила“.
„Тој прележа коронавирус, преживеа две несреќи, една пневмонија и пет операции. И сè тоа на возраст од 91 година, за помалку од шест месеци. Мојот татко е најголем пример за издржливот, а мајка ми беше покрај него деноноќно. Тие се рефлексија на мојот сон, кој никогаш не стана реалност за мене. Но, се надевам дека тие ќе им бидат пример на моите деца, за тоа што е љубов и трпение во врските, но и апсолутна посветеност“, сподели пејачката.
Исто така, латино ѕвездата изјави дека е многу возбудена за новата музика на која работи.
„Јас поминав низ негирање, без, болка, прифаќање, тага, надеж, измама, повторно надеж, возбуда. Толку многу емоции и чувства, кои на моменти изгледаа измешани и се чинеше дека не може да коегзистираат во мене. Но, успеав да ги ‘отплеткам’ преку моите песни, да се разберам себеси подобро. Не за да се објаснувам и оправдувам, туку да се разберам и да се толерирам себеси“, изјави Шакира.