Четврта година во негатива: Македонија живурка во демографска катастрофа

Date:

Во јануари, февруари и март во земјава се родиле 3.656 живородени деца, што е за дури 29,5 отсто помалку од бебињата родени во истиот период лани, а засега нема изгледи дека ќе престане негативниот природен прираст, кој според демографите веќе ги покажува своите лоши последици со празни училишта, иселени стручни работници и увезена работна сила од Азија

Драстично е намален бројот на живородени деца во Македонија во првото тромесечие, за 29,5 отсто помалку од истиот период лани, односно годинава во јануари, февруари и во март се родиле 3.656 живородени деца, а лани во првите три месеци – 4.009. Од јануари до март умреле 5.233 лица, што значи дека продолжува трендот на негативен природен прираст и за првото тромесечие изнесува -1.577 лица, односно, за толку е поголем бројот на починатите од новородените, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.

Последиците од овие лоши трендови веќе се чувствуваат, предупредуваат демографите, Македонија страее, а општеството станува непродуктивно.

Герасимовски: Годишно по 6.000 деца се раѓаат во странство

Демографот Дончо Герасимовски вели дека демографските промени во Македонија се карактеристични подолг временски период.

– Негативниот природен присраст, кога годишно има повеќе починати од живородени, почна во 2019 година во Македонија и сè уште трае, без изгледи дека ќе се промени, што значи дека живееме во демографска катастрофа. Главната причина за негативниот природен прираст е намалениот наталитет, а втора голема причина е масовното иселување на младото работоспособно и репродуктивно способно население – вели Герасимовски за „Слободен печат“.

Иако на ниво на целата држава негативниот природен прираст почна пред три години, додава тој, овој тренд е одамна присутен во одделни региони, па така уште од 2002 година наваму во половина од општините има негативен природен прираст и тоа во Источниот регион, Југоистокот, во Пелагонија и др.

– Оваа година во првиот квартал од вкупно осум региони во седум има негативен природен прираст. Во дури 64 општини од вкупно 80 општини има негативен прираст, меѓу кои и големи градови како Битола и Прилеп. На Истокот од 11 општини, сите се со негативен прираст. Нов тренд на намалување на населението има и во Југозападниот регион. Вардарскиот регион, пак, веќе не ги ни исполнува основните критериуми да биде регион. Во Полошко само во три општини има позитивен прираст, во Тетово, Желино и во Боговиње, а другите се во негатива – вели Герасимовски.

Само во 15 општини, додава тој, има позитивен природен прираст, ама мининален и тоа во тие „позитивни“ општини се и скопските локални самоуправи. Масовното иселување, пак, моментно е најмасовно во Југозападниот регион и во Полог.

– Кичево веќе десетина години има негативен природен прираст. Иселувањето е од познати шричини, екононски, социјални итн, а последицата е што губиме младо насление, кое живее и раѓа деца во други држави. Затоа сега веќе некои наши општини имаат повеќе новородени во странство отколку дома, како Центар Жупа, Ново Село, Пласница итн. На пример жителите на Ново Село во странство родиле 20 деца, а дома 10 деца. Годишно околу 6.000 деца се раѓаат во странство, најмногу во европските држави Италија, Швајцарија и Германија. Како последица на тоа населението во Македонија старее. Ние го надминавме прагот на длабока старотст, кој е кога 12 до 13 отсто од вкупното население е над 65 години – вели Герасимовски.

Тој додава и дека и училиштата видливо се празнат. Поради намалениот наталитет годишно се запишуваат од 2.000 до 3.000 деца помалку од претходните децении, а поради иселувањето, пак, разликата на бројот на деца што ја завршуваат школската година во јуни е и до 1.500 деца помалку од оние што почнале во септември, затоа што семејствата во меѓувреме се иселиле.

Последиците, како и опасностите од лошите демографски трендови се повеќекратни, со секакви можни последици. Засега имаме видлив недостиг од информатичари, медицинари, градежни работници, инженери итн, а заминуваат и сезонските работници од угостителството, земјоделието итн.

– Последните појави се оние на кои одамна се предупредуваше, дека нема доволно работници, па увезуваме работници од Азија, во Свети Николе во млекарата работат Индијци, странци работат и во текстилната индустрија – вели тој.

Излезот, смета Герасимовски, е во осмислена стратегија, државата да превземе серизни мекри што ќе ги осмислат искусни експерти што супштински ќе навлезат во проблемот.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика најголем негативен прираст има во Битола, каде во првото тромесечие се родиле 156 новороденчиња, а умреле 323 лица, што значи дека прирастот е -158. Во Скопје прирастот е -150, па следува Прилеп со -139, Штип -68 и Велес со -65.

Од поголемите градови во позитива се Куманово, каде прирастот за првото тромесечие изнесува 6 лица, како и Тетово со природен прираст од 12 лица.

Податоците од последниот попис на населението од 2022 година покажуваат дека Македонија сега има 1,83 милион жители, што е за 185 илјади помалку од претходниот попис во 2002 година. Бројот на стари луѓе се зголемува, а бројот на млади луѓе до 29 години се намалил од 907 илјади на 638 илјади.

Според извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за „Трудова миграција во Западен Балкан“ досега околу 700.000 Македонци или една четвртина од населението се иселиле од државата, односно секој четврти жител. Според проекциите на Обединетите нации до 2050 година, доколку се задржат овие трендови, во земјата ќе има само околу милион жители. Глобалното истражување на Галуп интернешнл на тема миграција, пак, лани покажа дека 42 отсто од Македонците би се иселиле од државата.

Сподели:

Потпишете се

spot_imgspot_img

Топ вести

Поврзани
Related

Победа за ракометарите на „генералката“ пред СП против Зеленортски Острови

Ракометната репрезентација на Македонија се радуваше на минимална победа...

Барселона го надигра Реал и го грабна трофејот во Супер Купот на Шпанија

Екипата на Барселона е освојувач на трофејот во Супер...

Зверев рутински до второ коло, Либанецот Хабиб испиша историја во Мелбурн

Германскиот тенисер Александар Зверев се пласираше во второто коло...

Ријана фрла со стрели: Пејачката заводливо позираше во градник и танга од црвена тантела

Популарната пејачка Ријана со стил ја започна 2025 година. Иако многумина...