Повеќе од десет црни манекени и манекенки ја бојкотираат Модната недела во Мелбурн, надевајќи се дека ќе го привлечат вниманието кон малтретирањето за кое велат дека го трпат во модната индустрија во Австралија. Тие рекоа дека биле сведоци кога персоналот користел расни навреди пред нив, фризерите кажувале погрдни коментари за нивната коса и биле недоволно платени во споредба со белите модели.

Портпаролот на Мелбурн рече дека Модната недела се гордее со тоа што е еден од најинклузивните модни настани.

„Не бевме свесни за каква било загриженост во врска со различност или раса што се однесува на Модната недела во Мелбурн. Дискриминацијата од каков било вид не се толерира“, се додава во соопштението.

Но, 29-годишниот модел Џефри Кисуби за Би-Би-Си изјави дека Модната недела во Мелбурн е само еден од модните настани што тој и неговите колеги и колешки го бојкотираат. Тој се надева дека избегнувањето на врвниот настан во Мелбурн ќе го привлече вниманието кон пошироките проблеми во модната индустрија во Австралија и ќе помогне да се подобрат условите за работа за луѓето кои трпат дискриминација.

„Дел од соработниците на снимањето употребија расна навреда во мое присуство, мислејќи дека тоа е во ред. Таа навреда имаше врска со угнетувањето на црнците и не сум сигурен дали тие сфаќаат дека не може да се користи таков јазик“, кажа тој.

Кисуби рече дека идејата за бојкот се појавила пред неколку месеци, откако група модели ги споделила своите искуства со расизмот на друг настан.