Цвета Ристовска, член на Државна комисија за спречување на корупцијата, денеска поднесе неотповиклива оставка до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писменото известување, Ристовска ја објаснува причината за оставката: јавни полемики и сомнежи околу нејзиното работење во Комисијата. Таа нагласува дека во текот на целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, своите обврски ги извршувала законито, совесно и со најдобра намера.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата, во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси, барав изземање во согласност со законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“, се вели во соопштението.
Ристовска истакнува дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет и ѝ посакува на Комисијата успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес.
Оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) претставува директна победа на јавниот притисок и истрајноста на Левица, соопшти партијата.
„Откако јавно ги разобличивме фактите за непријавените интереси, за фирмите на нејзините синови кои добивале милионски средства од партиските каси и за системското прикривање во рамки на ДКСК, режимот повеќе немаше простор за маневрирање. Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, се наведува во реакцијата на Левица.
Партијата истакнува дека оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните и клиентелистички врски кои ја компромитирале Антикорупциската комисија. „Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже“, додаваат од Левица.
По оставката, Левица бара ревизија и одблокирање на предметите поврзани со директорот на АНБ, Бојан Христовски, незаконски именуваниот началник на Генералштаб, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и на поврзаноста на компанијата „Сити аутсорсинг“ со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, за кој се забележани 161 јавна набавка.
„Но ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ без исклучок. Секој функционер што мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во соопштението.
Левица ги охрабрува сите чесни службеници и граѓани кои располагаат со информации за корупција, злоупотреби и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат информациите, ветувајќи заштита на изворите и непристрасно изнесување на вистината во јавност.
„Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува“, завршува соопштението.



