Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, има уште 30 дена што законски му следуваат да ја комплетира документацијата за пререгистрација, велат за Телма од Централен регистар.

Откако на 10 февруари доставија барање за усогласување на името и програмата со измените во Законот за здруженија, од Централен регистар им е испратено известување кои документи недостасуваат, за што според законот имаат рок од 30 дена да ги достават.

„Централниот регистар до подносителот  достави Известување за поднесување на пријава и прилози за соодветната промена согласно Законот за здруженија и фондации.  Дополнително, Централен регистар ќе достави информација до Министерството за правда дали Здружението на македонските бугари ЦАР БОРИС III Охрид постапи  по известувањето“, се наведува во одговорот на Централен Регистар

Здруженијата имаа рок од три месеци, односно до 16 февруари да го усогласат името, програмата целите и дејноста со измените во законот кои стапија на сила во ноември лани.

Тие во својот назив не можат да употребат имиња на личности кои се поврзуваат со верска, национална, етничка нетрпеливост, омраза, геноцид, поддршка на фашизам и нацизам.

Барање за пререгистрација поднесе само културниот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид, кој сега има дополнителен рок за пререгистрација.

Од бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола не поднесоа барање за промена на името и треба да бидат избришани од Регистарот, поради што се заканија дека ќе ја тужат државата во Стразбур.