Јеменските Хути вчера го нападнаа јужниот дел на Саудиска Арабија, при што беа повредени 11 цивили, а кралството предупреди дека се очекуваат нови, позасилени напади, објави „Ројтерс“.
Генерал-мајор Турки ал Малики, портпарол на воената коалиција предводена од Саудиска Арабија која ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен, утрово соопшти дека во нападот во јужната провинција Наџран биле повредени седуммина Саудијци, еден Јеменец, двајца Египќани и еден државјанин на Пакистан.
Меѓу повредените било и четиригодишно дете, кое се здобило со изгореници од втор степен.
Ал Малики ги обвини Хутите, кои имаат поддршка од Иран, дека неселективно напаѓаат цивилни подрачја, што претставува кршење на меѓународното хуманитарно право.
Тој порача дека коалицијата ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за заштита на цивилите.
Хутите и Иран засега не го коментираа ова обвинување, во време кога петмесечната војна меѓу САД и Израел против Иран дополнително ја усложнува безбедносната ситуација за Саудиска Арабија.
Долгогодишниот конфликт меѓу Ријад и Хутите, кои се блиски до Техеран, сè повеќе се поврзува со пошироките регионални тензии.
Акциите на Хутите, вклучително и блокадата во Црвеното Море која го наруши извозот на саудиска нафта, го зголемија ризикот од поширока конфронтација.
Висок саудиски функционер, кој зборувал под услов на анонимност, изјавил дека разузнавачките служби на Саудиска Арабија, САД и на други земји од регионот процениле дека Хутите и ирачките милиции поддржани од Иран би можеле наскоро да извршат координирани напади врз саудиски цивилни цели, вклучително енергетски објекти, пристаништа и аеродроми.
Саудискиот функционер изјавил дека заканите се особено загрижувачки бидејќи Ријад продолжува да поддржува намалување на тензиите и дипломатско решение на конфликтот со Иран. Според него, напорите за посредување се движат „во вистинска насока“.
Тој додал дека евентуалните напади би можеле да имаат цел да ги нарушат дипломатските напори.
Функционерот истакнал дека соработката меѓу Саудиска Арабија и САД останува „многу висока“, вклучително и оперативната соработка со Централната команда на американската армија. Тој нагласил дека Саудиска Арабија е подготвена да преземе мерки за одговор на секоја агресија.
Хутите во вторникот презедоа одговорност за нападот врз аеродромот во Наџран, како дел од пошироката ескалација во која групата извршува напади врз саудиски воени цели, инфраструктура и бродски сообраќај.
Хутите вчера убија повеќе од 30 припадници на јеменските владини сили во напади врз, како што наведоа, саудиски воени позиции во јеменските провинции Мариб и Хадрамаут.
На 29 јули, Саудиска Арабија соопшти дека, заедно со Централната команда на САД, извршила напади врз групи поддржани од Иран во Ирак, откако ги обвини дека стојат зад нападите со дронови врз нејзини нафтени постројки. Ирачките милиции најавија одговор на тие напади.





