Во психијатриската болница во Демир Хисар најдени се ремени со кои се врзувале пациенти. Освен ремени, најдени биле и кабел и катанци, кои служеле за заклучување на простории. Шокантни се податоците од годишниот Извештај, кој денес го презентираше омбудсманот Насер Зибери, а кој се однесува на 2022 година. За затворот Идризово беше кажано дека осудениците спијат на под, како и дека ако сакаат кревет, мора да дадат мито. Народниот правобранител истакна дека заложбите на властите за подобрување на овие состојби се повеќе декларативни отколку реални, а тоа го покажува и фактот што состојбите не се менуваат, а забелешките се повторуваат.

Извештајот го објавуваме на 26 јуни кој е ден за поддршка на лицата против тортура. Психијатриските болници Скопје и Демир Хисар односно нивните судски одделенија беа во фокусот. Како еден од посериозните проблеми кој беше истакнат во психијатриската болница Скопје е нередовноста во примање на терапијата. Таму беше констатирано дека персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапијата кон пациентите. Беше констатирано дека лекарите се соочуваат со закани од болничкиот персонал. Често има конфликти, а вербалните караници резултираат и со физички напади. Ситуацијата е особено алармантна во попладневните и вечерните часови кога во болницата е присутен само еден медицински техничар и еден болничар“, рече омбудсманот Зибери.

Во судското одделение во Психијатриската болницата Скопје нотирани се и чести бегства на осудени лица кои траат од неколку часа до неколку месеци, а како главна причина се лошите услови за престој, недостатокот на организирани активноста како и неодобрувањето на викенди, како и недоволниот број на медицински и друг персонал, непостоење на системски организирана заштита на обезбедувањето, како и слаб менаџмент.

И двете болници се соочуваат со сериозен недостаток на персонал. Така од вкупно систематизирани 397 работни места, пополнети се 318. Мора да се зголеми бројот на медицински сестра, техничари, болничари… за да се обезбеди стручен персонал што ќе обезбеди активности за психо-социјална едукација како психолози, психијатри…, нагласува Зибери.

И во Демир Хисар има недостаток на персонал бидејќи многу лица си заминале во пензија. Министерството за здравство мора да преземе соодветни мерки за да обезбеди дозволи за вработување, а со тоа да се ублажи проблемот на недостаток на кадар во болницата во Демир Хисат. Вработените немаат обуки од организиран тип.