Холивудската актерка Флоренс Пју е последната во низата ѕвезди која доживеа несреќа на јавен настан, кога во главата беше погодена со предмет фрлен од толпата, пишува „Дејли меил“.
Актерката присуствувала на промоција на филмот „Dune: Part Two“ во Сао Паоло, Бразил заедно со нејзините колеги Зендаја, Остин Батлер и Тимоти Шаламет во моментот на инцидентот.
Флоренс Пју била запрепастена и шокирана откако била погодена, а судејќи по изразот на лицето ударот ѝ предизвикал болка.
Актерката не претрпела некои поголеми последици освен непријатност. Таа беше снимена додека позира пред фотографите на сцената со актерската екипа на филмот, а снимката од тој настан кружи на социјалните мрежи, и за неполни 12 часа е прегледана речиси 2,5 милиони пати. Реакциите на јавноста се главно осудувачки, а повеќето се шокирани од потегот.

Не е познато дали младата актерка била мета на напад со намера или случајно била погодена. Сепак, се претпоставува дека се работи за напад бидејќи ваквите инциденти практично станаа тренд, па претходните месеци беа погодени и Ари Ленокс, Тејлор Свифт, Хари Стајлс и Пинк, а се започна кога албанската пејачка Биби Рекса беше удрена со телефон во главата на нејзиниот концерт, по што итно беше пренесена во болница, па дури и доби неколку конци.