Низа пропусти на Судскиот совет констатираше Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-системот во судовите, објави денеска Министерството за правда.
Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-системот за распределба на предметите во судовите извршила надзор во четири основни суда во државава, Берово, Крушево, Кратово и Куманово, при што констатирала нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување, како и изземање судии од АКМИС-системот, неконтинуирано архивирање предмети, недоволен број судии во помалите судови.
Покрај овие забелешки, Комисијата укажува и на недоволниот број информатичари во судовите, нераспишување огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од поранешни претседатели, а се укажува и на тоа дека тонското снимање, главно, не функционира.
Имено, според објавените записници од извршената контрола на Комисијата, во Кумановскиот суд, архивата била сместена во подрумските простори, додека во врска со АКМИС-системот било констатирано рачно распределување на предметите.
Забелешките за Беровскиот суд се однесуваат на тоа дека од 2021 година немало информатичар, Судот немал службено возило, судската зграда била стара, а како архива се користела судница што била оштетена од поплави. Во врска со АКМИС-системот, Судот немал организирана и систематска обука на вработените.
Слични состојби биле констатирани и во Крушевскиот и во Кратовскиот суд, особено во делот на обуките на вработените.
Од Министерството за правда информираат дека ова се само дел од забелешките на Комисијата за извршениот надзор во првите шест месеци од годинава и известуваат дека и во наредниот период ќе ги објавуваат, на својата веб страница, сите записници од извршените надзор во судовите.
Министерството за правда веќе два дена преку соопштенија го прозива Судскиот совет и бара од него да постапува согласно со законот. Во средата, министерот за правда, Кренар Лога, испрати допис до Судскиот совет, во врска со кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манева, која не ги положила психолошкиот тест за личности и тестот за интегритет и за која стручните лица препорачувале повторно да полага.
– Не смее да се создаде незаконита пракса судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, повторно да може да полага – истакна Лога.
Судскиот совет со соопштение реагираше дека тие не дале одобрение да се спроведе повторен тест и дека на работен состанок оцениле дека тоа прашање било во надлежност на за социолошки и политичко-правни истражувања.
Оттаму потенцираат дека во оној момент кога ќе добијат известување од надлежната институција што ги спроведува тестовите, ќе може да знае кој од кандидатите ги исполнил сите законски услови за избор на претседател на суд или судија.