Цели десет дена софтверот на Фондот за здравствено осигурување е во колапс, а овој проблем направи досега невиден хаос во државата. Погодени се и здравствените работници и граѓаните осигуреници кои се приматели на здравствените услуги. И едните и другите велат дека нефунционирањето на еден ваков сериозен систем е показател колку државата забрзано тоне и како настанува непоправлива штета во сите сегменти.

Најболниот момент е неисплаќањето на јануарската плата во ниту една јавна здравствена установа.

Јануари е „најдолг“ месец особено заради празниците и со нетрпение се чека следната плата, но ова веже не се издржува. Расположението на здравствените работници е сведено на нула. Сите сме врзани со кредити, во банката никој нема да ни прогледа низ прсти дека „системот паднал“. Ќе следуваат камати. Најтешко им е на луѓето, односно брачните парови кои и двајцата се вработени во јавниот здравствен сектор. Исто така недобивањето плата навреме е исклучително тешко и за самохраните родители, секое денарче се планира, а сега дури и тоа што се очекуваше да стигне до 10-ти во месецот еве нема никаква шанса. Јавно досега не е најавено дека ќе има, но веќе сите зборуваат за тоа. Каква и да биде одлуката ние целосно ќе се приклучиме кон тоа, вели во изјава, Ивана Драгевска, главна сестра во Клиниката за пластична хирургија.

Проблемот не се само платите. Директорката на оваа Клиника, д-р Софија Пејкова вели дека поради нефункционирањето на системот на ФЗО целосно им е закочена и нивната работа и додава дека не може да се прават пресметки односно да се одреди цената на одредена здравствена услуга или ДРЏ зошто сето тоа е поврзано со системот на ФЗОМ.

Единствено ГОБ „8 Септември“ успева некако да го надмине овој сериозен проблем.

-Плати нема дефинитивно, но барем работата некако врви. ГОБ „8 Септември“ за среќа има ХИС систем, локален, па пресметките за здравствените услуги ги правиме во нашиот систем, а не рачно. Кога ќе проработи софтверот на ФЗО ќе ги префрлиме податоците.

Аптеките издаваат лекови „на слепо“

Уште еден огромен проблем предизвикан од падот на системот на Фондот за здравствено осигурување е тоа што во аптеките немаат увид кој пациент има, односно во моментот на издавцање на лекот нема здравствено осигурување.

Во изјава од аптеките велат дека имаат огромен ризик при издавање на лекови.

-Податоците со кои располагаме се само до 5. февруари. Оттогаш наваму немаме никакви податоци. Откако ќе го запишеме матичниот број, во прозорчето „мое осигурување“ не постои ажуриран податок дали во тој момент кога на пациентот треба да му се издаде лек на товар на Фондот има здравствено осигурување. Има и многу скапи лекови, и доколку издадам лек, може да се случи да треба јас од свој џеб да го платам на мојот добавувач, веледрогерија или од каде и да е набавен. Фондот може да рече „па тој пациент нема здравствено осигурување“, така што навистина сега работиме на слепо и имаме огромен ризик да западнеме во долгови. Приморани сме да не издаваме лекови, освен на најитни пациенти, велат од приватните аптеки.

Проблеми и кај матичните лекари и со боледувањата на пациенти кои мора да ги продолжуваат во Второстепената комисија

-Системот МојТермин фунционира, тука немаме проблем. Издаваме упати и закажуваме термини, но доколку пациент нè избере за матичен лекар не можеме да го внесеме поради нефункционирање на страницата на ФЗО, велат матичните лекари.

Проблеми имаат и оние пациенти кои боледувањата треба да ги продолжат кај второстепените комисии. Тоа засега е оневозможено електорнски да се прави, па во изјава оттаму велат дека податоците ги прават рачно се со цел да им се помогне на пациентите.

-Вратени сме 40 години наназад, како што се работело пред времето на компјутерите, но за да може болните пациенти да го оправдаат своето отсуство од работа заради болест која бара подолго лекување тоа го правиме рачно.

Истовремено, доцнат и исплатите и на породилните отсуства, а одговор кога овој систем ќе биде повторно вратен во функција нема.

Единствено што беше кажано е дека луѓето работат дење и ноќе за да го стават повторно во функција системот на ФЗО и дека приоритет се платите во здравството.