ФИФА продолжува со забрзаното лансирање на новата подружница на Светското првенство, позната како ФИФА Форвард Ентерпрајз (ФФЕ) и покрај реакциите на светските асоцијации. Според „Скај Њуз“ управното тело на светскиот фудбал има за цел да обезбеди до 4,2 милијарди долари (3,1 милијарди фунти) од приватни инвеститори до октомври, со продажба на 20 проценти од акциите во потфатот вреден 20 милијарди долари.
Тајната природа и брзата временска рамка на предлогот предизвикаа бес низ целиот светски фудбал, а европските асоцијации активно дискутираат за потенцијален бојкот на сите натпреварувања под капата на ФИФА. Критичарите го гледаат овој потфат како средство за претседателот на ФИФА, Инфантино, да ја задржи контролата врз турнирот и по неговиот претседателски мандат во 2031 година.
За да обезбеди поддршка пред крајниот рок на 19 септември, ФИФА ги информираше своите 211 членки дека ќе се зголеми сумата која ќе ја добијат од овој нов „колач“. Така, според последните проценки ФИФА на секоја нациоанлна федерација и ветила по 86 милиони долари во текот на 12 години. Сепак, планот предизвика сериозни поделби. ФИФА утрово излезе со соопштение дека нема намера да се откаже од проектот, па сега се очекуваат и нови реакции.
Утрово и Азиската конфедерација се изјасни против плановите на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да продаде дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори.
Како што е наведено, АФЦ со голема загриженост ги следи случувањата во последните денови во врска со основањето компанија (ФФЕ) која би управувала со натпреварувањата на ФИФА.
„АФЦ ја изразува својата солидарност со УЕФА и КОНКАКАФ во нивните сериозни загрижености во врска со предлогот на ФИФА за воведување приватни инвестиции во нејзините главни натпреварувања, како и во процесот на донесување одлуки во врска со ФФЕ. Фактот што ситуацијата достигна точка каде што можноста за бојкот на Светското првенство на ФИФА сериозно се разгледува од страна на јавноста, треба да биде загрижувачки за сите што се грижат за иднината на нашата игра. Фудбалот никогаш не требаше да биде во таква позиција“, соопшти АФЦ.
Додадено е дека, со оглед на јасните позиции на УЕФА и КОНКАКАФ, како и невидените поделби што се појавија во фудбалскиот свет, предлогот на ФИФА не може да го постигне потребниот широк консензус и единство.
„Светското првенство е врвот на светскиот фудбал и ја црпи својата сила од учеството на сите конфедерации и водечки фудбалски нации во светот. Секој предлог што ризикува да го поткопа единството и универзалниот карактер на натпреварувањето мора да се преиспита“, соопшти АФЦ.
Се нагласува дека клучните проблеми во врска со управувањето, институционалните процедури и суштинските консултации остануваат нерешени.
Се додава дека ова не е прв пат клучните актери да се соочат со значајни иницијативи дури откако навидум веќе е утврден текот на дејствувањето.
АФЦ ја повика ФИФА итно да ја преиспита својата рамка за управување и донесување одлуки за да се осигура дека предлозите од глобално значење се развиваат преку соодветни консултации, суштинско вклучување и соодветен надзор од страна на статутарните тела на ФИФА.
„Светското првенство на ФИФА, како и самата игра, му припаѓа на целото глобално фудбалско семејство. Неговата иднина секогаш треба да се обликува колективно, преку институции што ги одразуваат ставовите на сите конфедерации и членови на ФИФА“, соопшти АФЦ.





