Новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, го оствари најголемиот успех за домашната кинематографија во последните три децении, освојувајќи ја главната награда „Tokyo Grand Prix“, наградата на гувернерот на Токио, на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Ова е прв пат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија по триумфот на „Пред дождот“ во Венеција во 1994 година.
Главната награда носи и паричен износ од 3 милиони јени (околу 1,04 милиони денари).
Светската премиера на филмот се одржа во рамките на официјалната натпреварувачка програма во Токио, каде што покрај Манчевски, присутни беа и актерите Сара Климоска и Филип Трајковиќ, како и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Жирито му ја додели главната награда на филмот за неговиот мајсторски спој на хумор, драма и трагедија, истакнувајќи ја сочувствителноста кон ликовите и сложената приказна која истовремено трогнува и забавува.
„Сестра, брат и шахта“ е опишан како необична комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Ова остварување ги отфрла класичните жанровски рамки и преку приказна сместена во денешна Македонија, нуди универзален поглед врз човечките односи во современиот свет.
Ова е уште еден голем успех за Манчевски во Азија, каде што ужива голема популарност. Тој беше првиот македонски автор чиј филм се прикажа во Јапонија уште во 1995 година, а на фестивалот во Токио досега учествуваше и со филмовите „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.





