Новиот филм на Том Круз, „Копач“, би можел да загуби околу 245 милиони долари поради слабата заработка во кината. За црната комедија, каде Круз го глуми нафтениот магнат Дигер Роквел, продажбата на билети паднала за околу 60 отсто во вториот викенд, а филмот досега заработил околу 35 милиони долари на светско ниво, пишува „Би-би-си“.
Трошоците за снимање и маркетинг се проценуваат на 280 милиони долари.
Според списанието „Варајети“, филмот најверојатно ќе заврши со вкупна заработка од околу 50 милиони долари. За да ги покрие трошоците, би требало да заработи меѓу 300 и 350 милиони долари.
Доколку овие процени се остварат, „Копач“ би се нашол меѓу најголемите финансиски неуспеси во Холивуд, заедно со филмовите „Островот на безмилосните“, „Џон Картер“ и „Сахара“.
Слабите резултати се во спротивност со успехот што Круз го постигна со филмските серии „Топ ган“ и „Невозможна мисија“. „Копач“ го режираше Алехандро Гонзалес Ињариту,
Слаба заработка на премиерата забележа продолжението на оскаровскиот филм „Социјалната мрежа“, насловен „Социјална пресметка“. Филмот, во режија на Арон Соркин, заработил 5,5 милиони долари во САД во првиот викенд, додека првиот дел во 2010 година заработил 22 милиони долари во истиот период.
На светско ниво, продолжението досега заработило околу девет милиони долари. Во него глумат Мајки Медисон, Џереми Стронг и Џереми Ален Вајт.
Филмот ја раскажува приказната за Франсес Хауген, поранешна инженерка во Фејсбук, која откри интерни документи на компанијата.





