Карфиолот може да се претвори во вкусни солени уштипци што се подготвуваат без квасец и долго чекање. Во комбинација со фета сирење, кашкавал и свежи зачини, се добиваат меки и ароматични залчиња што можете да ги послужите за појадок, ручек или вечера. Најубави се додека се топли, со јогурт или свежа сезонска салата.
Потребно:
- 600 г карфиол
- 2 јајца
- 150 г фета сирење
- 100 г кашкавал
- 4 лажици меко брашно
- 2 млади кромитчиња
- 1 чешне лук
- 2 лажици сечкан магдонос
- Масло за пржење
- Сол и црн пипер по вкус

Подготовка: Карфиолот разделете го на цветови и варете го околу осум минути, колку да омекне. Добро исцедете го и оставете го неколку минути да се излади, а потоа изгмечете го со вилушка. Важно е да не остане многу вода, за смесата да не биде премногу ретка. Додајте ги јајцата, издробеното фета сирење, ренданиот кашкавал, ситно сечканите млади кромитчиња и лукот, магдоносот и брашното. Зачинете со сол и црн пипер по вкус, па добро измешајте. Оставете ја смесата да отстои околу десет минути за состојките да се поврзат. Во тава загрејте тенок слој масло на умерена температура. Со лажица земајте од смесата, ставајте ја во тавата и лесно притиснете ја за да добиете помали, подебели уштипци. Пржете ги по неколку минути од секоја страна, додека не добијат златно-кафеава боја и убава коричка. Послужете ги топли, со младо сирење, јогурт или кисела павлака и голема порција свежа сезонска салата.





