Бугарскиот новинар и историчар Горан Благоев тврди дека во размената на културни артефакти меѓу Бугарија и Грција, освен кутијата со моштите на Света Матрона Константинополска, која потекнува од охридската црква „Света Богородица Перивлепта“, во Грција завршила уште една реликвија со потекло од Охрид и Охридската архиепископија.
Станува збор за моштохранилница од манастирот „Свети Наум“, на која се претставени Свети Климент и Свети Наум Охридски. Благоев тврди дека оваа црковна вредност „нема потекло ниту од Драма, ниту од Серес, ниту од друг манастир или град на територијата на денешна Грција“.
Во својот коментар, Благоев остро ја критикува одлуката за испраќање на овие предмети, оценувајќи дека со тоа се загрозува зачувувањето на историската и националната меморија. Тој ги повикува министерот за култура на Бугарија, Емил Милошев, и директорката на Националниот историски музеј да понесат одговорност, а бара и реакција од обвинителството.
„По ваков скандал, министерот за култура и директорката на Националниот историски музеј, која одамна е во пензионерска возраст, треба да си заминат. И никогаш повеќе да не се доближат до такви функции. Треба да се вмеша и обвинителството. Скандалот е тотален. Бугарската политичка глупост создаде уште една плодна почва за антибугаризам на Македонија. Цар Самоил нема да им прости. Кој, всушност, ја разделува бугарската нација?“, напиша Благоев на „Фејсбук“.





