Тендерите за учебниците за основно и средно образование за оваа и следната учебна година „тежат“ вкупно 16,5 милиони евра. Со нив е опфатено превод, печатење и дистрибуција. Националната комисија за учебници сѐ уште работи на одобрување на нови учебници и некои ќе стигнат дури на крајот на годинава.



Новите учебници за учебните 2023/24 и 2024/25 година ќе ја чинат државата вкупно 16,5 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

За споредба минатата година вкупната вредност на тендерите за печатење и превод за учебната 2022/23 година изнесуваше најмалку 5,5 милиони евра.

Министерството за образование за да обезбеди учебници, на први август годинава склучило договори за две учебни години ( 23/24 и 24/25 година ) со две фирми, а огласот беше отворен уште во мај.

Ако се гледа според крајните рокови заведени во тендерската документација, дел од учебниците кои недостасуваат постои можност да стигнат до децата дури кон крајот на календарската година. Министерството за образование уверува, пак, дека само испечатените ќе пристигнат до крајот на септември.

Првиот договор е за превод од македонски на јазиците на заедниците, додека вториот договор се однесува на печатењето и дистрибуирањето на учебниците за две учебни години.

Тендерите за печатење и дистрибуција ги доби како носител на набавката фирмата Европа 92 Кочани заедно со Бранко Гапо, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки. Вкупната вредност на тендерот изнесува 11, 3 милиони евра.