Учебната година заврши но не завршија проблемите. Министерот за образование најави дека од септември ќе има учебници за сите ученици и има доволно време летово да се испечатат, но се уште неизвесно дали на први септември ќе има учебници.

Наставните програми за шестто одделение биле доставени во месец март, од страна на Бирото за развој на образование што ќе ја пролонгира постапката. За споредба наставните програми за трето одделение, биле доставени во ноември минатата година и сега се во напредна фаза. Министерот Шаќири, уврерува дека учебниците по географија за шесто одделение ќе бидат доставени до училиштата кои поднеле барање.

Директорот на Бирото за развој на образование, не чувствува одговорност за доцнењето на учебниците. Истакна дека за подготовка на наставните програми има процедури и според тие процедури, од Бирото постапиле навремено.

Првиот човек на СОНК Јаким Неделков очекува нови учебници за новата учебна година.

Неизвесен е и датумот за почеток на следната учебна година. Во игра се неколку предлози и различни комбинации. Една од нив е да почне на средината на септември но се уште е рано за конкретни датуми.

Дел од наставниците и родителите велат дека се против промена на датумот за почетокот на новата школска година, откако Министерството за образование најави можно поместување за 11 септември. Претседателот на СОНК , Неделков смета дека треба да се размислува и за почеток на 1-ви октомври.

Климатски услови, годишни одмори или подобрување на квалитет на образованието за учениците – се уште не е целосно јасно која е главната причина за најавената промена на датумот за почеток на следната школска година.

Родителите и наставниците сметаат дека министерот за образование и наука Јетон Шаќири не нуди убедливи аргументи зошто учебната година 2023/2024 би почнала на 11, наместо традиционално на 1 септември.

Јасмина од Скопје е родителка на дете во прво одделение и вели дека е изненадена и тоа особено и пречи што сите промени во образованието се најавуваат во последен момент.

„Еве на пример, ние, како родители на прваче, кое не може да биде оставено само дома и кои немаат расположливи баби 24/7 цело лето, веќе ни е испланирано за да има кој да се грижи за детето. Да, точно е, учебната година во некои земји навистина почнува по 1 септември, но има и случаи каде почнува и на 15 август. Без сериозна анализа и добри аргументи, не треба да се избрзува со вакви промени“, вели таа.