„Секој добронамерник е добредојден, секој кој што сака да разговара, јас ќе разговарам.Ние комуницираме со странските фаткори, им ги даваме нашите аргументи и дознаваме дека од власта добивале лажни информации зашто се свесни дека нема договор за политичка амнестија и затоа се очајни – еве повторувам, уставни измени под бугарски диктат нема да има“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прашањето од новинарите дали ќе има состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, чие доаѓање се очекува деновиве.
„Имаме ние многу теми кои што за нас се многу поважни од темата за уставни измени. Ние нашите аргументи сме ги кажале, многупати во овие 16 месеци доаѓале светски дипломати и многупати по телефон со нив сме разговарале, стотици пати можам да речам. Но од другата страна не сме слушнале аргумент кој што нас може да ни даде комотна и комфорна ситуација и да речеме, да, е сега не убедивте“, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека многупати соговорниците од странство добивале лажни информации од Владата, па и од Бујар Османи.
„Многупати на тие состаноци, во тие телефонски разговори ние со нашите аргументи сме ги разубедувале соговорниците бидејќи добивале претходно лажни информации од страна на луѓето во Владата, меѓу кои е и овој кој што го споменавте Бујар Османи“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека ги разбира, зашто, како што нагласи, тие се очајни и се под притисок зашто гледаат дека доаѓа крајот на нивната кариера и дека ќе треба да одговараат.
Мицкоски повтори дека уставните измени пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги прифатат.
„Нема да има уставни измени под овие услови, затоа што овие услови се понижувачки, антимакедонски, не нудат развој, не нудат напредок и цениме дека тоа што го потпишаа, пред се Бујар Османи и Ковачевски, значеше да добијат уште некој месец во својата политичка кариера. Еве успеаја, добија уште година и половина“, рече Мицкоски запрашан за коментар за понудата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи за гласање на уставни измени за возврат на предвремени парламентарни избори.
Уставни измени нема да има, вели Мицкоски
Date: