ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН – I ДЕЛ
Сакаме да ги информираме читателите на „Македонска нација“ дека продолженијата „Александар Македонски“ се дел од истоимениот роман на Урлих Вилкен. Уште во Воведот тој јасно признава дека проблемот е личен и вели: „Секој научник има еден Александар за себе”.
Еден од поактивните научници кој во најново време работеше на Александар го потврди случајот кога напиша: „Ние сите ја интерпретираме големата драма на Александар во прифатливите услови на нашето искуство и во нашите соништа”.
Тоа потсетува на Теодор Момсен кој еднаш, во една малку поинаква смисла, напиша: „Оние што живееја низ историските настани, како мене, почнуваат да гледаат дека историјата не е напишана и направена ниту без љубов, ниту без омраза…”
Може да се рече дека современото проучување за Александар почна во 1833 година, со првата публикација на една биографија од Јохан Густав Драјзен. Драјзен е ученик на германската историографска школа од XIX век, која ги разви принципите на современиот критичко-историски метод. Но, уште поважно е што Драјзен длабоко ги следеше историските настани на своето време.
Тој ја виде Прусија кога се појави како моќна германска држава и, во текот на својот живот, се бореше за унификација на германските народи под пруско водство. Драјзен особено беше оптимист во 1848 година и, навлегувајќи во политиката (во периодот во кој историчарите немаа волја да учествуваат во пишувањето на историјата), тој стана член на Парламентот.
Неговите надежи за германско единство наскоро беа уништени, и, со исклучок на едно кусо враќање на политичката сцена во 1859 година, тој го помина својот живот во пензија, повторно работејќи врз материјалот на древната историја и енергично пишувајќи за Прусија и за германското единство.
Во светлината на своето лично историско искуство и политичката ориентација како пруски националист и жесток монархист, концепцијата на Драјзен за Александар дојде без изненадување. Заплетканите проблеми на грчките градови-држави во класичниот пери-од, заедно со нивните постојани судири и крвави конфликти, не се интересни за Драјзен.
Античките Елини-Грци успеале да ја задржат персиската закана надвор од грчката земја, но со големи напори, и не можеле да претпостават како ќе ја сфати Драјзен подоцна нивната историска мисија.

Филип Македонски
Меѓутоа, случајно се појавил Филип Македонски. За Драјзен, Филип е најголемиот обединувач на античка Македонија и античка Елада-Грција, а неговиот син Александар посредник во ширењето на грчката цивилизација.
Александар е светска личност, историски херој кој завршува една и почнува нова, пославна ера. Така нацијата и големиот национален водач се појавуваат како доминантни историски теми.
Улогите на Филип и на Александар како обединувачи и новатори поединечно влијаеја врз личноста на Драјзен во Германија во средината на XIX век. Згора на тоа, Драјзен е тој кој го објаснува поимот на елинизмот, т.е. спојувањето на грчката со ориенталските култури што го направи Александар и што влијаеше врз курсот на медитеранската цивилизација во наредниот период од античкото време.
Концепциите на Драјзен се изнесени толку убедливо што беа прифатени од сите подоцнежни стручњаци за оваа тема. За многу следбеници на Драјзен, Александар остана двигател на светот, иако се разликуваат мислењата за неговите лични мотиви и за точниот опсег на неговите достигања.
Сериозните биографски истражувања за Александар не беа карактеристични за класичните проучувања при крајот на XIX век и во почетокот на XX век. Во овој период повеќе внимание и‘ се обрнуваше на зголемената софистичка техника на историското учење, a особено на развојот на бројните помошни дисциплини како што се папирологијата, палеографијата, нумизматиката и епиграфијата.
Уште повеќе, тоа беше период на класифицирање и каталогизирање на разните видови податоци. Десетина илјадници ракописи беа собрани, уредени и публикувани, текстовите од најпознатите грчки и латински писатели беа ревидирани според последните филолошки и палеографски техники.
Потоа, беа составени значајни лексикони за древните јазици, а беа собрани монументални енциклопедии и извршени библиографски прегледи.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН