Украден е штитот од статуата Александар I Филхелен (498-454 пр.н.е) кој e  седмиот македонски крал по ред од лозата на Аргеадите, кој се наоѓа на Мостот на цивилизациите (порано мост ОКО). Штитот е со пречник од 1,5 метри. Освен штитот украдени се и речиси сите натписи под спомениците. Скулптурите претставуваат личности од чие време има археолошки пронајдоци на почвата на Република Македонија и чие дејствување оставило белег на овие простори.

Освен статуата на Александар I Филхелен, на мостот се ставени скулптури на кралевите Пердика Први, Аминта Трети, царевите Гаврил Радомир, Иван Владислав и Стефан Душан. Овој мост е мошне посетен, меѓутоа секојдневните минувачи не можат да се информираат чија статуа гледаат, затоа што плочите со испишаното име, година на раѓање и смрт, значењето на личноста на која е посветена статуата се извадени и зјаат само дупките од шрафовите со кои биле прикачени.

Истата ситуација е и со статуите и плочите со имињата кон крајот на тој дел од Кејот, покрај зградата на МНР. На Мостот на уметноста, пак, плочите под повеќето статуи стојат. Пред некоја година дел од овие плочи беа пречкртувани со спреј, затоа што на некој(и) најверојатно не им се допаѓало напишаното за личноста што е претставена.

Изградбата на Мостот на цивилизациите (ОКО) ја финансираше Општина Центар, за времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, но надлежноста за одржување на мостовите во Скопје е на Град Скопје. На авторите на изработените статуи им беше исплатен хонорар од 15 илјади евра по скулптура и сите биле излеени во српската леарница „Јеремиќ“.