Скандалите со Клиниката за онкологија вечерва кулминираа со масовен протест пред објектите на Владата и Јавното обвинителство. Стотици граѓани најпрво се собраа на блокираната „Илинденска“, каде дел од учесниците симболично со црвена боја напишаа „Убијци“ на асфалтот од улицата, некои фрлаа со јајца кон белиот владин објект, а притоа се палеа и свеќи за жртвите на здравствениот систем.

Толпата постојано викаше „Убијци“, „Монструми“, „Оставка“, „Правда за жртвите“, „Доста беше молк“. Во првите редови беше истакнат најголем транспарент со натпис „Убијци за профит“. Беше испеана и македонската химна, по што следуваа и сведоштва – говори.

„Пред недела дена изгубив мајка од рак на плуќа. Ѝ најдоа карцином на гради. Бидејќи беше ситно клеточен карцином под итно беше пренесена на хемотерапија. Мајка ми беше карпа човек. После три дена на хемотерапија мајка ми клапна и за недела дена почина. Не ми е јасно што ѝ дадоа. Некој лек, нешто било… Мајка ми за 7 дена се претвори во жив мртовец. Оваа влада, ова министерство за здравство, онкологија и сѐ што е поврзано, тоа е мафија“, рече граѓанин на протестот што сакаше да остане анонимен.

Тој посочи дека и покрај борбата со болеста „некои директори, некои министри, некои убијци за профит, за сопствени пари ќе му го уништат животот на човекот“.

„Болката околу мене е преголема. Сакам да го прашам нашиот таканаречен премиер, збореше дека секој кој бил инволвиран во овој случај ќе го судат и такви работи. Не ми е јасно, покрај сите работи, значи тука го имавме случајот со Тамара, го имавме случајот со Тетово и ред други работи, никој ништо и за ништо не одговараше “, рече граѓанинот.

Пред топлата говореше и мајка која пред осум години го изгубила својот син болен од рак. Според неа, злоупотреби со терапиите не се прават само во јавното, туку и во приватното здравство.

„Загубив син на 31 година, ова ми се случи на море, одендаш не можеше да диши. Ми препиршаа хемотерапии. Отидов во приватна клиника, ми рекоа нема од овие цитостатици. Само што излегов, ме вратија и ми рекоа ги најдовме“, раскажа мајката.

Своја голгота раскажа и граѓанин што примал хемотерапии. За дел немало залихи, а повеќе време поминал и во тешки моменти, бидејќи цел здравствен и финансиски труд го поднесол сам. Потоа здравствената состојба му се влошила, па му биле дадени вкупно шест хемотерапии.

„Tежински добив 20 килограми во отоци. Симптом кој обично се јавува пред смрт. За среќа со мојот нутриционист и по негови анализи прекинав да ги пијам сите лекови кои ми ги дава на Онкологија, затоа што анализите покажаа дека ми се оштетени црниот дроб, и тироидната жлезда. За два месеци оттогаш мојата здравствена состојба е далеку подобра и функционира нормално. Во текот на ова непријатно патување низ скопските клиники, најлошите моменти ги поминав на Онкологија. Сакам да останам анонимен за јавноста, но уште повеќе сакам да посведочам за цел наш распаднат здравствен систем почнувајќи од министерството за здравство до менаџментот на Онкологија задолжен за јавни набавки. За жал, ќе останеш жив само ако имаш врски“, рече тој.

Толпатата по сведоштвата се упати кон Обвинителство. Таму повторно ги пресретнаа полициски сили. Продолжија извиците „Убијци“, „Правда за жртвите“, „Оставка“, „Нема правда, нема мир“. Повторно беа фрлани јајца кон објектот.

Со црвена боја овој пат пред зградата на обвинителите беше испишано – „Соучесници“.

Еден од демонстрантите со мегафон во рацете упати ултиматум до властите – во рок од една недела да се изнесе правдата за случувањата на Онкологија. Во спротивно, истакна тој, идната недела ќе излезат на протест во исто време.

„Истовремено, до граѓаните, без разлика на кој етникум или политичка партија припаѓате, ова е наша граѓанска должност. Ова може да му се случи на било кој од нас, татко, мајка, роднина. Да бидеме единствени во овие протести кои следуваат. Следна недела се гледаме на исто место, во исто време“, нагласи тој.

За случајот Онкологија денеска со свои ставови и информации се јавија повеќе функционери и министри. Главно ја смируваа ситуацијата, очекувајќи транспарентен и конкретен исход од истрагите за скандалот.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да се расчисти случајот, додавајќи дека криминалот мора да има име и презиме, а не сите да се ставаат во ист кош. Според првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски, посебен тим од полиција работи во координација со обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање на информации во овој дел. Обвинителството, пак, соопшти дека веќе се издадени наредби за анализа на одземените компјутери и податоци, истражните органи вршат распити, а формиран е и тим од стручни лица за анализа на медицинската документација. Ги охрабрија и сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.

Инаку, ваквите случувања дојдоа откако „Слободен печат“ уште пред 9 месеци објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.

Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот, како што пишуваше медиумот, е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, највeројатно во Косово.