Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека во денешен израелски напад е убиен нивниот водач во Либан, Фатех Шериф Абу ел-Амин. Тој бил убиен заедно со неговата сопруга, син и ќерка, во нападот што бил насочен кон нивната куќа во палестинскиот бегалски камп во јужниот град Тир, пренесува Ројтерс.
Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), милитантна група која учествува во борбата против Израел, пак, соопшти дека тројца негови водачи биле убиени во напад што го таргетирал округот Кола во Бејрут, место во градот каде што се собираат такси-возила и автобуси.
Во израелскиот напад загинаа членот на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, членот на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.
Според изјавите од очевидци што ги пренесува Ројтерс, во нападот бил погоден горниот кат на станбена зграда.
Засега, како што пренесуваат светските агенции, нема коментар од израелската војска.
Израел вчера продолжи со офанзива врз организациите што ги смета за терористички, така што изврши напади на неколку локации во Либан, за кои тврди дека се упоришта на Хезболах, а изврши напади и во Јемен на локации за кои тврди дека се упоришта на хутите.
Израелската армија потврди дека ги извршила нападите во Либан во Сидон, град кој се наоѓа на средина од границата помеѓу Израел и Либан. Во Јемен нападите се извршени во Рас Иса и Худаида.
Министерството за здравство со кое раководат хутите соопшти дека најмалку четири лица загинале, а 29 се ранети во воздушните напади врз пристаништето Ходеида во Јемен, за кои Израел рече дека се одговор на ракетните напади на Хутите. Во Либан, властите соопштија дека најмалку 105 луѓе биле убиени во вчерашните израелски воздушни напади.
Во засилените израелски бомбардирања во текот на две недели загинаа низа највисоки функционери на Хезболах, вклучувајќи го и нивниот лидер Хасан Насралах.