Тројца повредени работници е билансот од синоќешниот упад на полицијата и специјалната единица во „Комунална хигиена“ за да овозможи излез на повеќе камиони и собирање на ѓубрето низ градот. Ова го изјави претседателот на синдикатот.

-Главниот револт на вработените е покачување на платите, исплаќање на К15 и регулирање на бенефицираниот стаж. Направивме неколку обиди за да стапиме во контакт и да преговараме со директорката, на што ми беше одговорено дека ќе се исконтактира, но ништо понатаму. Нема волја од другата страна. Полицијата овозможи излез на неколку камиони и при таа интервенција беа повредени тројца вработени. Сметаме дека решението на проблемот не е на ваков начин, туку преку дијалог и преговори на маса, изјави претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.

Пред неговата изјава, можеше да се забележи неколку возила на Брзата помош како доаѓаат во кругот на претпријатието при што повредените работници беа одведени во најблиската здравствена установа.

Дел од вработените за медиумите изјавија дека полицијата ги удирала и дека четворица нивни колеги се приведени.