Прилеп е подготвен за 22. издание на традиционалниот меѓународен карневал, кој ќе ја доживее својата кулминација на 17 март, в недела, кога ќе може да се види карневалската поворка. Тој е во организација на Општина Прилеп и на Здружението „Прилепски мечкари“.
В петок, во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“, во 12 часот е изложбата на рачно изработени традиционални маски/сурати, изработени од учениците во основните и од средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава, кои се партнери во целокупната организација. Годинава за прв пат своја креативна работилница имаат и градинките, кои го најавија своето учество. Ќе бидат прогласени и најдобрите избрани маски, а стручна жири-комисија ќе го спроведе изборот.
Дел од свеченостите во рамките на карневалот е презентацијата на народниот обичај за амкање, од страна на Здружението „Преродба“, која ќе се одржи в сабота од 11 до 13 часот, на платото кај градскиот саат. Таа ќе биде изведена во автентичен амбиент, привлечен за минувачите, кои во тој период ги има многу, како прилепчани така и гости, а настанот ќе биде збогатен со настап на младите уметници Марко и Антонио, како етносостав „Пиреј“.
На централната манифестација, која ќе се одржи в недела, ќе ѝ претходи „Robbie Ray Robot Show“, кое ќе се одвива од 11 до 14 часот.
Карневалската поворка, односно дефилето под маски, започнува во 12 часот. Тоа ќе биде придружено со настап на жонглери, кловнови, акробати, куклари. Поворката ќе се движи од Центарот за култура „Марко Цепенков“, по булеварот „Гоце Делчев“, до централната бина на плоштадот „Методија Андонов- Ченто“. Се очекуваат околу 500 учесници со повеќе групни маски, а ќе има гости од Кавадарци, Пробиштип, Куратица, Мокриево, Берово, Сопот, Струмица и од други места.
Покрај официјалното дефиле на градскиот плоштад, посетителите на карневалот ќе можат да се забавуваат и во прилепските локали.
Исто така, карневалот „Прочка“, како една од најзначајните културни манифестации во Пелагонискиот Регион, ќе биде извонредна можност фотографите да ги збогатат своите портфолија. Имено, фото киноклубот од Прилеп ги повикува на дружење сите професионални фотографи и фотоаматери од земјава и од странство да се пријават и учествуваат. По завршувањето на карневалот, ФКК Прилеп, во соработка со Општина Прилеп и со Националната фотоунија на Македонија, ќе објави меѓународен конкурс за уметничка фотографија. На овој конкурс ќе се примаат исклучиво фотографии креирани на годинашниот карневал. За најдобрите и најкреативни фотографии, стручното жири ќе додели соодветни парични награди. Проектот ќе биде заокружен со изложба на фотографии, која ќе се одржи на 17 мај 2024 година.
В понеделник, пак, со традиционалниот заеднички ручек со здружението „Прилепски мечкари“, во манастирот „Свети Ѓоргија – Присад“ ќе се одбележи Чистиот понеделник.
Маскирањето на Прочка во Прилеп постои одамна. Овoј традиционален обичај го одразува етнокултурниот идентитет на Македонија и претставува уникатна појава на Балканот, Европа, па и во светот. Многувековното празнување на Прочка од 2001 г. прерасна во организирана културна манифестација „Прилепски карневал“, со меѓународен карактер, а на 21 мај 2006 година стана член на Европската федерација на карневалски градови FECC.
Инаку, прилепската група „Мечкари“ е формирана од касапи. Регистрирано славење на „мечкарите“ е заведено пред Втората светска војна, поточно во 1929 година, кога прв пат биле забележани во пишаните извори. Во Прилеп, „мечкарите“ се, всушност, касапи или месари. Касапите биле неомилени меѓу двете светски војни, затоа што се среќаваат со душите на животните што ги убиле, што ги заклале и во тоа време, според тоа народно верување, тие биле контаминирани со тие души. На тој начин, таа класа се повлекла во себе и го почнала тој обичај.
Прочка, како еснафски празник, се славел мошне специфично. Имале една недела целосен пост, консумирале само алкохол, биле повлечени во пештери и имало табу за палење оган, значи воопшто не палеле оган и се доведувале во едно ритуално расположение. По седум дена по тој пост, биле опасни. Дури и денес имаме остаток од тој обичај. Биле мошне опасни и по патот, на луѓето што поминувале им земале патарина, а ако сретнеле друга маскирана поворка, настанувала тепачка до смрт. Постојат многу такви гробишта во мариовскиот и во пелагонискиот дел, каде што се среќавале две групи. На крајот, имало и мртви во нивните судири.
Во минатото, околу 4 изутрина, тие се собирале околу Зибија, старата кланица и се облекувале во пресни кожи, кои попатно требало и да смрдат. Само некои делови биле од пофина кожа, како кожа од лисица или штавено јагне и тие делови се користеле за покривање на главата. Сè останато било од пресна кожа. Нивното облекување се нарекувало „врзување“ и кога ќе се собереле во 4 часот изутрина, прво имало ритуално, обилно пиење за да се „дотераат“ во ритуален транс, а потоа следувало безобразно зборување. Така и се дочекувале меѓу себе, со пцости.
Касапското оро постоело за да ги смирува, да не прават многу бели. Тоа им бил еден начин на регулација на групата. Најстариот од нив, кој ја носи кантата за собирање пари, исто така, многу го почитуваат. Од толку обилно пиење и во толку многу ритуално расположение, седење на студено, навистина човек може да стане опасен.
Според антрополозите, тоа е група што го глуми настанувањето на светот, од „хаосот“. Тие се една група на хаосот од која се раѓа „поредокот“. По тип, тоа е приказна за настанокот на светот, онака како што го гледале наште предци.
Во денешно време, „мечкарите“ се облекуваат во една куќа од еснаф на касап и во 6 часот наутро тргнуваат по куќите на касапите, ги канат луѓето на посен грав. Луѓето ги пречекуваат со ракија, храна и со вино. На зборното место, секогаш доаѓаат и свирачите. Се делат на две групи, едната група оди во правец на Варош, а другата накај Рид. Маската се состои од сурат и од кожа. Суратот е направен од чоја и од пулејки и на него се ставаат опашки од коњ, рогови, се облекуваат во кожа, овча или јагнешка. Сите носат стапови, ѕвонци и клопотарци.
На овој ден нема пристојно однесување. Се губат социјалните функции. Постои општа амнестија за сите учесници. Прилепчани им плаќаат на „мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот.
– За „мечарките“, Прочка е светол ден, кој не ставил маска, не знае како изгледа преправањето. Тој што ќе ја стави еднаш, ја носи засекогаш – велат тие.