Македонскиот Црвен крст соопшти дека наредната недела ќе ја достави и третата пратка за настраданото население погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија. Поради големиот интерес на граѓаните, оваа организација ја продолжува хуманитарната акција до 15 март 2023 година. Заклучно со вчерашниот ден преку донаторските телефонските линии и од Фондот на солидарност на Црвен крст се уплатени вкупно 38.555.035 денари помош, информираат од Црвениот крст.
Од Црвениот крст информираат дека сите заинтересирани фирми и граѓани можат да донираат парична помош на: Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст, како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1. Исто така може да се донира пари и во странска валута.
„Фирмите и граѓаните освен финансиска помош можат да донираат и материјални добра согласно приложената листа на потреби за помош на настраданото население, упатена од страна на турската држава и турската Црвена полумесечина како што се зимски семејни шатори, ќебиња, греалки на струја/плин, церада (постилка за на земја), церада (зимска), вреќи за спиење, столици на расклопување (се претвора во кревет), креветчиња на расклопување, фенер на соларно напојување, кујнски сетови и храна и средства за хигиена ( според стандардите за хуманитарна помош). Задолжително сите донирани артикли да бидат нови. Приоритет да се стави на (зимски семејни шатори, церади, вреќи за спиење, ќебиња)“, апелираат од Црвениот крст.
Во разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари годинава загинаа близу 50.000 луѓе.
Допонително, два силни земјотреси ги погодија Турција и Сирија и пред три дена.
Загинаа најмалку 11 луѓе, а околу 300 се повредени од кои 18 најмалку се во тешка состојба.