Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов се пожали на притисоци што му се вршат, нарекувајќи ги монструми тие што може да снимаат деца и на тој начин да вршат притисоци врз синдикален лидер што бара повисоки плати за работниците.
По завчерашната блокада на пратениците да не дојдат во Собранието со возила, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, на настан во Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање посочи дека „тој што ги блокира пратениците да дојдат на работа, користи службено возило за свои потреби“. Потоа, осамна снимка на мрежата Икс, споделена од пратеничката Дафина Стојаноска, на која се гледа како во возило влегуваат Трендафилов и две деца. Снимката беше обработена со заматени ликови.
– Може да ме следат, може да ме прислушуваат, може да ми се закануваат и да ме уценуваат, но нема да потклекнам, нема да се предадам, сè додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати. Но, ќе ми дозволите да зборувам за монструмите, оние што не се под детските кревети, оние што седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца – револтирано кажа Трендафилов.
Тој порача дека него може да го снимаат, да му се јават на телефон, ако сака 50 пати ќе им позира – ќе влезе и ќе излезе од службено возило, но дека не смеат да се снимаат деца.
Тој ги повика Министерството за внатрешни работи, министерот и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска. Според него, и премиерот место да вели дека „ова е само почеток“, требаше да си даде оставка. Го повика и претседателот на Собранието да поведе постапка за одземање на имунитетот на пратеничката.
– Им благодарам на инспекторите на Министерството за внатрешни работи што во текот на вчерашниот ден ги презедоа сите мерки за кривичен прогон и ги обезбедија сите потребни докази – рече Трендафилов, кој посочи дека случајот го пријавил во Скопје, но и во Велес.
– Му поставувам прашање на министерот за внатрешни работи: Дали службите го следат претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија и дали му ги снимаат децата? Дали се поединци? Ако се поединци, веднаш да ги апси. Го повикувам јавниот обвинител да покаже дека правдата е еднаква за сите – рече Трендафилов.
Претседателот на ССМ потенцираше дека на видеоснимката што ја објавила пратеничката не се само негови деца, туку и други деца во училишниот двор.
Тој посочи дека за објавувањето на неговите деца, ќе бидат известени сите амбасади и Делегацијата на Европската Унија, како и братските синдикати на Меѓународната и на Европската конфедерација на синдикати.
Трендафилов ја објави и својата плата и рече дека таа е 57.000 денари, но дека тој се бори за повисоки плати на сите други во државава.



