Лидерот на Демократски сојуз и пратеник во Собранието, Павле Трајанов предлага спроведување референдум за уставните измени или организирање предвремени парламентарни избори.

-Бидејќи се групираат повеќе политички партии, СДСМ треба да проценат дали ја имаат поддршка кај граѓаните. Треба Ковачевски да се појави пред граѓаните. Сметам дека е потребно референдум или избори, но за мене е поприфатливо предвремени парламентарни избори, рече Трајанов во гостувањето на вестите на Тв Сител.

Тој го повтори ставот на партијата дека нема да испратат свои претставници во работната група за уставните измени, која треба да почне со работа кон средината на месецов.

Според него, пологично е периодот септември-октомври да се организираат предвремени избори.

-За мене е проблем што ЕУ не направи отстапка за интересите на Македонија. Проблемот е што СДСМ и ДУИ ја воведоа државата во криза, кажа меѓу другото Трајанов, чија партија до неодамна беше дел од владиното мнозинство.

На прашањето дали ДС на следните избори ќе оди сама или во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Трајанов одговари:

-Има огромен интерес од повеќе партии да се здружиме и ќе видиме дали ќе подготвиме една поголема коалиција. Неопходна е граѓанска поддршка за овој концепт што го нудиме. Очекуваме поголема поддршка за коренити промени во државата, кажа Трајанов.